Нема позитивен напредок во почитувањето и унапредувањето на човековите слободи и права во Македонија, стои во Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедување, почитување,унапредување и заштита на човековите слободи права за 2016 година.
„Има 4 отсто зголемување на повредите на човековите слободи и права во 2016 година. Поднесовме околу четири илјади претставки. Имавме рекордни 1.523 повреди на човековите слободи и права. Во 1.300 случаи беа прифатени нашите интервенции. Утврдивме дека има незаконска наплата на радиодифузна такса, на водата и другите комунални давачки. Повреда на правото на вработување на лицата со попреценост. Реагиравме за противуставно наплата на данокот и за непрофесионално постапување во изборните органи. Во извештаите дадовме препораки, но од тоа ништо не е прифатено“, рече народниот правобранител Иџет Мемети во образложението на Годишниот извештај за неговата работа пред пратениците во Собранието.
Народниот правобранител Мемети во извештајот констатирал дека има голем број на случаи на млатретирање во вршење служба како и нехумано постапување на МВР.
„Постапките на полицијата за време на масовните протести организирани за дадената амнестија од претседателот на државата Ѓорге Иванов на поголема група на функционери, неправилностите при транспортот на обвинетите за кумановскиот случај. Ниту истрагите, ниту собраните докази не беа доволни да покажат дека Македонија може да има ефикасна истрага против полициската бруталност. Продолжува неказнивоста на полициските службеници. Продолжи декларативната поддршка на унапредување на правата на затворениците, а затворениците продолжуваат да живеат во нехумани услови. Се повредува правото на здравствена заштита, барам да се врати здравствената заштита во Управата за извршување на санкциите“, рече Мемети.