РЕКОРДНИ 60 СУДСКИ РОЧИШТА ЗА ТРОЈЦА ОБВИНЕТИ ВО „ТАРИФА“ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ НА ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ЕЛЕМ, СОПРУГ НА БИЛЈАНА БРИШКОСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ

    РЕКОРДНИ 60 СУДСКИ РОЧИШТА ЗА ТРОЈЦА ОБВИНЕТИ ВО „ТАРИФА“ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ НА ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ЕЛЕМ, СОПРУГ НА БИЛЈАНА БРИШКОСКА ОД ВМРО-ДПМНЕСудењето за „Тарифа“ го води судијката за организиран криминал и корупција Софче Гаврилова, a oбвинител во „Тарифа“ е Трајче Пеливанов (средина) (Фото: СДК.МК)

    Судењето за злоупотреба на околу 4,4 милиони евра државни пари на ЕЛЕМ од страна на Дејан Бошковски како директор на компанијата и уште двајца ресорни директори, во Основниот суд Скопје 1 досега има 60-тина судски рочишта. Споредбено со големиот случај за нападот во Собранието на 27 април 2017, каде постапката за 16 обвинети, судијката Добрила Кацарска го заврши за седум месеци, овој предмет, со само тројца обвинети е рекорд, со оглед на тоа дека во декември ќе наполни две години како трае во Основниот суд Скопје 1.

    Судењето за „Тарифа“ го води судијката за организиран криминал и корупција Софче Гаврилова. Поради тоа што не му се гледаше крајот, новинарите изгубија заинтересираност да присуствуваат на рочиштата во недоглед. Според извештаите на невладините претставници кои ги следат рочиштата, како и од брифинзите на странки во постапката, Ефремова судењето се обидела да го забрза, бидејќи одбраната го бомбардирала судот со 600 докази, наспроти двоцифрениот број материјални докази на СЈО.

    Одбраната се согласила да ги преполови доказите, но ги вратила назад пак сите до еден, како дополнителни докази, токму пред самиот крај на судењето „Тарифа“. Уште се презентираат дополнителните докази на тројцата обвинети.

    Ексдиректорот на АД ЕЛЕМ (сега ЕСМ) Дејан Бошковски е сопруг на поранешната заменик-министерка за правда од ВМРО-ДПМНЕ. Таа е обвинета во големиот случај за изборни нерегуларности и злосторничко здружување именуван како „Титаник“. На двајцата сопружници обвинети во два различни случаја на СЈО, им се одземени пасошите повеќе од две години.

    Бошковски и двајцата обвинети координатори на проектот СЈО ги обвини дека залудно потрошиле скоро 4 милиони евра од незаконски тендер со некомплетна документација за набавка на софтвер за ЕЛЕМ. Не само што тендерот го добила компанија со неисправна документација, туку скапиот софтвер и никогаш не бил имплементиран, т.е. ставен во функција. А, на добавувачот, во 90 отсто средствата му биле исплатени во првите три години од набавката на неупотребливиот софтвер.

    Обвинетите за никогаш непоставениот софтвер, потрошиле уште 456.560 евра за негово одржување и уште 16.800 евра за сертификат за употреба на модулот. Договорот со добавувачот е раскинат, активирана е банкарската гаранција за преостанатите долгови за мртвиот софтвер на ЕЛЕМ. Софтверот во ЕЛЕМ требало да се имплементира најдоцна втората година од набавката.

    Обвинител во „Тарифа“ е Трајче Пеливанов.

    Министерката за правда Рената Дескоска на прес-конференција во петокот кажа дека очекува реакција од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради што криминалот останува неказнет.

    „Тие прашања ги интересира јавноста“, изјави тогаш Дескоска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира