РЕСТОРАНИТЕ И ШАТОРИТЕ ЗА СВАДБИ ЌЕ ДОБИЈАТ МИЛИОН ЕВРА ПОМОШ СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ ЗА ЗАГУБИТЕ ШТО ГИ ТРПАТ СО МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

    РЕСТОРАНИТЕ И ШАТОРИТЕ ЗА СВАДБИ ЌЕ ДОБИЈАТ МИЛИОН ЕВРА ПОМОШ СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ ЗА ЗАГУБИТЕ ШТО ГИ ТРПАТ СО МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19На пратениците кои си зборуваа за локални теми од општините откај што доаѓаат, како и на оние кои споредуваа: „Во наше време беше вака, тоа и тоа направивме, а во ваше време имавте такви и такви непродуктивни трошоци“, спикерот Талат Џафери им кажа дека ќе ги викне утре на слободна дебата надвор од темата ако сакаат да се изназборат, ама нема да добијат патни трошоци (Фото: СДК.МК)

    На третиот ден од собраниската расправа за ребалансот на Буџетот за 2020 година пратениците од владејачкото мнозинство објаснуваа пред забелешките од колегите од опозицијата дека крупни капитални инвестиции се прекинуваат оти средствата се пренаменуваат за економијата која е силно погодена од пандемијата и затворањето на Република Северна Македонија исто како и останатите држави. За да не пропаднат тие средства, се пренаменуваат онаму каде што има итна потреба, дискутираа пратениците.

    Главна поента со ребалансот е остварување на поголемиот дел од мерките од четвртиот пакет за поддршка на граѓаните и на фирмите, тежок 470 милиони евра. Со ребалансот се предвидени, 1,6 милијарди денари за финансиска поддршка за ранливи категории погодени од ковид-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори. Натаму, Владата планира да даде платежни картички „Купувам домашно“ на 283.000 граѓани. По 6.000 денари на картичка ќе добијат пензионерите, граѓани од ранливи категории, студенти…

    Денеска пратеник од власта кажа дека милион евра се планирани за рестораните кои трпат штети од забраната за организирање свадби и свечености. Од 10-30.000 евра ќе добијат рестораните за свадби, рече тој.

    Опозицијата освен што смета дека Буџетот со ребалансот е неразвоен и лошо конципиран, туку тврди дека ќе ја однесе државата во високозадолжени земји, со долг преку 6 милијарди евра.

    Тоа предизвика прашања од владејачкото мнозинство на собраниската говорница – како тогаш да биде развоен Буџетот, ако не сакаме повеќе да се задолжуваме? Опозицијата бара реализација на капиталните инвестиции кои ќе вратат приходи, а мнозинството убедуваше дека поради пандемијата дел од нив не може да се реализираат до крајот на годината и за да не пропаднат парите, се пренаменуваат онаму кај што се најпотребни.

    Отприлика се вртеше и денеска овој круг во дискусиите, а на пратениците кои си зборуваа за локални теми од општините откај што доаѓаат, како и на оние кои споредуваа: „Во наше време беше вака, тоа и тоа направивме, а во ваше време имавте такви и такви непродуктивни трошоци“, спикерот Талат Џафери им кажа дека ќе ги викне утре на слободна дебата надвор од темата ако сакаат да се изназборат, ама без плаќање патни трошоци. Денеска Џафери поради пречекорување на минутажата за дискусија, микрофонот му го исклучи само на еден пратеник.

    Со овој ребаланс и четвртиот пакет антикризни мерки се има цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности, да се зачуваат колку што може работните места, да се закрепнат одредени дејности, да обезбеди стабилност во однос на социјалните трансфери и политики кои ќе помогнат во спроведување на брза и излезна стратегија се со цел продолжување на позитивните трендови на македонската економија кога оваа криза ќе заврши.

    Владата верува дека со овој пакет мерки ќе се обезбеди брзо враќање, односно ревитализација на економијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира