РОДИТЕЛИТЕ РЕДОВНО ДА ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ, ОПФАТОТ Е ОПАСНО НИЗОК, АПЕЛИРА УНИЦЕФ

    РОДИТЕЛИТЕ РЕДОВНО ДА ГИ ВАКЦИНИРААТ ДЕЦАТА ПРОТИВ МАЛИ СИПАНИЦИ, ОПФАТОТ Е ОПАСНО НИЗОК, АПЕЛИРА УНИЦЕФВо центарот на Скопје е насликан мурал со потсетување до родителите и стрателите да ги вакцинираат децата. (Фото: УНИЦЕФ)

    И понатаму на државно ниво останува недоволен опфатот на деца со вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки (МРП), предупредуваат од УНИЦЕФ и Министерството за здравство. Посочуваат дека иако стапките на вакцинирани деца во 2021 (за прва доза МРП 70,4%, а за втора 80,4%) се зголемени во споредба со 2020 (за прва доза МРП 63%, а за втора 68,5%), овој опфат е далеку од потребниот процент од 95% вакцинирани деца за постигнување колективен имунитет и заштита во заедницата.

    „Загрижува тоа што стапките на вакцинација против МРП во 2021 се значително пониски од оние во 2018 година (МРП1 – 74,8% и МРП2 – 93,8%) кога земјата се соочи со епидемија на мали сипаници, која предизвика 4 смртни случаи на деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцината“, алармираат надлежните.

    Малите сипаници се едно од најзаразните респираторни заболувања кое може да доведе до тешки, понекогаш и трајни компликации од типот на пневмонија, оток на мозокот, хоспитализација и смрт. Малите сипаници се толку заразни што се проценува дека 9 од 10 лица што не се имунизирани, а биле во близок контакт со инфицирано лице, ќе се заразат. Лесно се пренесува кога инфицираното лице дише или кашла, а вирусот може да преживее на површина или во воздухот до 2 часа.

    По загрижувачките податоци дека во државата на ниско ниво е опфатот на децата со редовни вакцини, во центарот на Скопје е насликан мурал со потсетување до родителите и стрателите да ги вакцинираат децата за да бидат сигурни дека се заштитени. Муралот симболично ја осликува потребата на родителите и старателите да направат сѐ за да ги заштитат децата, а редовната вакцинација во детството е најбезбедниот, најлесниот и високо делотворен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот живот.

    За да ги потсетат родителите колку е важно да ги вакцинираат децата и за да се зголеми опфатот, УНИЦЕФ и Министерството за здравство подготвија и комуникациски материјали кои беа дистрибуирани на локации кои родителите често ги посетуваат, како и во градинките, вакциналните пунктови и породилиштата.

    „Треба постојано да зборуваме за придобивките од редовната вакцинација во детството, не само за време на Неделата на имунизација. Секој родител сака да го заштити своето дете и нормално е да бара информации. Но, не смееме да дозволиме лажните информации да ја стават под прашање довербата во вакцините,” рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

    Таа апелираше до родителите и старателите да им ја обезбедат на нивните деца заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото.

    „Во 21 век не смееме свесно да го загрозиме здравјето на децата и да ги изложиме на ризик од болести кои може да се спречат со вакцини кои е докажано дека се безбедни и високоефикасни. Благодарение на високите стапки на вакцинација, некогашните деца, а денешни родители, ја имаа таа среќа да растат без да искусат некој член од семејството или пријател да им почине или да страда од доживотна попреченост од болести како што се малите сипаници или полио“, рече Ди Џовани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира