РОКОТ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ЗА ПРОМЕНА НА ПАСОШИТЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА, ВЕЛИ ГРЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

    РОКОТ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ЗА ПРОМЕНА НА ПАСОШИТЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА, ВЕЛИ ГРЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИСпоред Договорот од Преспа, Македонија има обврска да ги промени пасошите на граѓаните со новото уставно име Северна Македонија во рок од пет години, а тој рок истекува на 12 февруари. - Пунктот на МВР за сликање за лични документи без закажување (Фото: СДК.МК)

    Договорот од Преспа е меѓународен договор, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од никоја од двете страни, па така и во врска со обврската за промена на пасошите и регистарските таблици на возилата постојат јасни одредби и временските рокови мора да се почитуваат, вели грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис.

    „Континуирано имам истакнато дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот Парламент и како што налага Уставот, овој Договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Нова демократија навремено ги изнесе позициите во однос на оние точки кои беа проблематични во Договорот од Преспа. Навремено посочи дека ќе постојат прашања и во имплементирањето. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој Договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување“, кажа Герапетритис во грчкиот парламент, одговарајќи на пратеничко прашање.

    Според Договорот од Преспа, Македонија има обврска да ги промени пасошите на граѓаните со новото уставно име Северна Македонија во рок од пет години, а тој рок истекува на 12 февруари.

    Голем дел од граѓаните сè уште ги немаат променето пасошите и веќе неколку месеци има големи гужви во пунктовите на МВР за издавање лични документи.

    Герапетритис рече дека неговото министерство ќе биде строго во однос на предвиденото од Договорот од Преспа и Грција ќе инсистира на верно почитување на обврските кои произлегуваат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира