РУСКОВСКА ОСТАНУВА СУСПЕНДИРАНА, СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ЈА ПОТВРДИ ОДЛУКАТА НА ЈОВЕСКИ

    РУСКОВСКА ОСТАНУВА СУСПЕНДИРАНА, СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ЈА ПОТВРДИ ОДЛУКАТА НА ЈОВЕСКИПретседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски кажа дека несоработката на Русковска со Јовески довела до „овие непријатни состојби“. - Од денешната седница на Советот на јавни обвинители (Фото: К. Попов)

    Советот на јавни обвинители денеска едногласно ја одби како неоснована жалбата за суспензијата на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

    На 16 август, Јавниот обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа од страна на поранешниот директор на Финансиска полиција Арафат Муареми.

    Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски кажа дека Скопското обвинителство треба што побрзо да ја заврши постапката по кривичната пријава за да не трае долго суспензијата на Русковска.

    „Основот е само за кривичната постапка, додека ги обезбедат доказите во ОЈО Скопје. Дел се обезбедени, дел се побарани, мислиме дека таа постапка брзо ќе заврши и ова оддалечување нема да трае долго време“, рече Јолевски и додаде дека ваквите постапки траат најмногу до 60 дена.

    Тој вели дека несоработката на Русковска со Јовески довела до „овие непријатни состојби“.

    Русковска, со обезбедена судска наредба, изврши претрес во Финансиска полиција на 18 јули по анонимни пријави од граѓани, а на 8 август Муареми во врска со претресот поднесе кривични пријави против Русковска и двете обвинителки од нејзиното обвинителство, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои го спроведоа претресот.

    Како што тогаш соопшти Јавното обвинителство, Јовески поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на трите обвинителки, за кои од Јавното обвинителство велат дека постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.

    При поднесувањето на жалбата до Советот на јавни обвинители на 19 август, Русковска кажа дека нејзината суспензија значи суспензија на правото и правдата и предвидува дека ова што ѝ се случува нејзе ќе влијае на работата на нејзините колеги обвинители.

    „Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, ова го сметам за суспензија на правото и суспендирање на правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет, после ова мене што ми се случи, не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите“, изјави тогаш Русковска.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира