Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска на денешното судење за организаторите на насилствата на 27 април 2017 година жестоко реагираше што на предлог на обвинетите се редеа сведоци од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ кои зборуваа едно исто, што во судницата звучеше како иста плоча да се врти без прекин.
„Приговарам судија! Ова е претерано, ова е злоупотреба на правото на одбрана. Ова е веќе трета членка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ која сведочи на една те иста околност. Приговарам на прашањето”, рече Русковска.
На ова бранителот на обвинетиот Спиро Ристовски рече: “Не дозволувам да има од исти комитети. Од различни партиски комитети се сведоците”.
„Но еве, член на Унија на жени, член на Централен одбор…, се редат сведоци на една иста околност”, реагираше Русковска на развлекувањето на овој судски процес со сведоци кои зборуваат едно исто цело време, со денови, со месеци.
„Судија дали мојот приговор и сето ова ќе влезе во записникот?”, праша таа, а судијата Иле Трпков ѝ кажа дека судската расправа се снима.
Адвокатот на Спиро Ристовски рече дека сите денешни сведоци биле од различни месни комитети и сите биле на битни функции.
„Што има врска со обвинението Сокол Митревски, на каква битна функција бил?”, реагираше Русковска.
„Бил градоначалник на Ѓорче Петров за време на протестите”, рече адвокатот.
Судијата Трпков не го прифати приговорот и ги дозволи сите и претходно чуени прашања во врска со функцијата на извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа прашања за тоа дали имало организирано јавен превоз за протестите за заедничка Македонија, дали обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески им се јавувале да ги организираат за протести…и сите негираа.
Наспроти тоа, Русковска поднесе до судот материјални докази и вибер пораки со кои го тврди спротивното, т.е. дека токму овие двајца обвинети, како и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски, се организаторите на нападот и насилствата на 27 април 2017 на Собранието.
Судењето се развлече кога почна сослушувањето на сведоците на одбраната. Пред овие на Ристовски, беа сослушувани сведоците на Вељаноски, кога судот прифати цела дузина поранешни и сегашни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои зборуваа едно исто на една иста околност.
Русковска и тогаш приговараше дека се дозволува одолговлекување на постапката.
Законот за кривична постапка заради економичност на секој процес, вели дека на една иста околност судијата може да дозволи по двајца-тројца сведоци. Но, овде судот ги прифатил скоро сите сведоци на обвинетите кои во принцип добиваат исти прашања и во одговорот повторуваат исти работи, 100 пати слушнати во денот.
Бидејќи во таква атмосфера си продолжија да сведочат, како жени од Унијата, така поранешни градоначалници, кога дојде ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, обвинет за одмаздничкото уривање на Космос и кажа дека на состаноците секогаш зборувале само за проекти на ВМРО-ДПМНЕ, Русковска го праша:
„Дали како успешен проект вие како градоначалник на Гази Баба го дискутиравте уривањето на Космос?”.
Судијата не го дозволи прашањето, зашто не е поврзано со обвинението за организација на 27 април.
С. К. ДЕЛЕВСКА