СЀ УШТЕ НЕ Е АКТИВНО ОНЛАЈН ПРИЈАВУВАЊЕТО ЗА ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19

    СЀ УШТЕ НЕ Е АКТИВНО ОНЛАЈН ПРИЈАВУВАЊЕТО ЗА ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19Страницата за пријавување за вакцини против ковид-19 е vakcinacija.mk. (Принтскрин од страницата)

    Сѐ уште не e пуштенa во употреба официјалната интернет страница за пријавување за вакцини против ковид-19. Кога ќе се отвори страницата vakcinacija.mk  прво се појавува порака дека имаат зголемен сообраќај и се користи виртуелна чекална, а потоа се појавува нова порака со „Наскоро“.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека страницата ќе биде активна од денес.

    „Во моментов се прават последните технички прилагодувања на интернет-страницата преку која граѓаните ќе можат да се пријавуваат со изразување заинтересираност за вакцинација против ковид-19. Штом се овозможи целосна функција на интернет-страницата, ќе информираме“, велат од Министерството за здравство.

    Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот Мој термин.

    Филипче вчера кажа дека капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.

    Во повеќе вакцинални пунктови ќе се работи во две смени за да може да се имунизираат поголем број граѓани.

    „Конкретно, конкретен пример, поликлиниката „Јане Сандански“, две смени во три пункта, што значи дека 240 луѓе на ден ќе може да се вакцинираат согласно физичките параметри на просторот – влез, излез, немешање, еден одреден период од 10-15 минути коишто после вакцинација граѓаните треба да почекаат заради евентуална појава на алергиска реакција, што е вообичаена постапка при вакцинација, се прави тој распоред“ кажа министерот и додаде дека во трите поголеми поликлиники „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“ работното време ќе биде од 8 до 20 часот.

    Филипче вчера кажа дека „за многу кратко време ќе го знаеме датумот кога ќе стигнат кинексите вакцини во земјава“. Треба да стигнат 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира