САД РАБОТИ ДА ЈА ВИДИ МАКЕДОНИЈА КАКО ДЕЛ ОД НАТО, РЕЧЕ БЕЈЛИ ОД КУМАНОВО

    САД РАБОТИ ДА ЈА ВИДИ МАКЕДОНИЈА КАКО ДЕЛ ОД НАТО, РЕЧЕ БЕЈЛИ ОД КУМАНОВОГраѓаните на Куманово денеска можеа да видат дел од опремата и возилата со кое раполага американската војска и АРМ, да поразговараат со војниците и да се сликаат покрај воените возила (Фото: Ѓ. Личовски)

    Амбасадорот на САД Џес Бејли, на пречекот на учесниците на воената вежба Драгон Гардијан 17 во Куманово уште еднаш ја повтори подршката на САД за влез на Македонија во НАТО, преку реформите во државата и учеството во меѓународните воени вежби.

    „Зедничките вежби ја доближуваат Македонија кон НАТО. Важно е да се напомене дека членството во НАТО не е нешто за што само се зборува. Преку билатерални обуки и вежби и преку настани и операции поддржани од НАТО, ние ѝ помагаме на Македонија да се подготви за полноправно членство во НАТО“, рече Бејли.

    Тој потсети дека следната недела, заменикот претседател Пенс ќе патува во Црна Гора за да се сретне со лидерите на Самитот на Јадранската повелба, а минатиот месец во Вашингтон тој рекол дека политиката на НАТО за отворена врата мора секогаш да остане таква за сите земји што ги споделуваат нивните вредности, што сакаат да придонесуваат во најуспешната алијанса во историјата и што бараат посветла иднина на безбедност и просперитет на нашите земји и за светот.

    „САД работат да ја видат Македонија како станува дел од НАТО, било да е преку поддршка на реформите за зајакнување на демократијата, или преку вежби како што е Драгон Гардијан“, рече Бејли.

    Војниците од Македонија се борат рамо до рамо со Американците во Авганистан и Ирак уште од 2002.

    „Знам дека Армијата на САД има голема почит за своите колеги од Македонија. Нивната храброст и посветеност ја видовме во 2011, кога им се придружија на силите на САД во одбраната на Амбасадата на САД во Кабул. Заедничките вежби исто така ги зближуваат и нашите две земји“, додаде амбасадорот.

    Оваа година скоро 600 војници од Македонија ќе учествуваат на мултинационални вежби спонзорирани од САД.

    На меѓународната вежба на Криволак во наредните 10 дена македонските и американски војници ќе работат за подобрување на нивната подготвеност на инжинериски и медицински задачи за да се справат со сите предизвици што можат да се појават. На вежбата ќе учествуваат 300 припадници на вооружените сили на САД, 120 инжинериски возила и опрема и 95 војници на АРМ, како активни учесници или поддршка. Бејли рече дека ја започнуваат вежбата во Куманово, град што историски претставува раскрсница помеѓу Македонија и нејзините соседи, поврзувајќи ги трговските и транспортни патишта од исток на запад и север и југ.

    На почнувањето на вежбата во Куманово, зборуваше и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, која рече дека оваа вежба ќе биде „одлична можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици и ќе придинесе за подобрување на интероперабилноста и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери од САД“.

    Граѓаните на Куманово денеска можеа да видат дел од опремата и возилата со кое раполага американската војска и АРМ, да поразговараат со војниците и да се сликаат покрај воените возила.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира