САЈТОТ НА ДИК УШТЕ НЕ РАБОТИ, СПОРЕД НЕОФИЦИЈАЛНАТА СИМУЛАЦИЈА НА МАНДАТИ: СДСМ 46, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15

    САЈТОТ НА ДИК УШТЕ НЕ РАБОТИ, СПОРЕД НЕОФИЦИЈАЛНАТА СИМУЛАЦИЈА НА МАНДАТИ: СДСМ 46, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15На сајтот rezultati.sec.mk повремено се појавуваат резултатите и од она што можеше накусо да се види, од 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места, коалицијата на СДСМ победи со 324.084 гласови или 36,12 отсто. (Фото: принтскрин/ДИК)

    Веб сајтот на Државната изборна комисија со резултатите од предвремените парламентарни избори уште нема целосно профункционирано, откако синоќа падна набрзо по затворањето на избирачките места.

    На сајтот rezultati.sec.mk повремено се појавуваат резултатите и од она што можеше накусо да се види, од 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места, коалицијата на СДСМ победи со 324.084 гласови или 36,12 отсто, пред коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ со 312.745 гласа или 34,85 отсто. Понатаму следуваат: ДУИ со 101.432 гласови или 11,3 отсто, Алијанса за Албанците и Алтернатива со 76.425 или 8,57 отсто, Левица со 37.420 или 4,17 отсто и ДПА СО 13.563 или 1,51 отсто.

    Тоа се коалициите и партиите, според првичните неофицијални резултати на ДИК кои што влегуваат во парламентот.

    Според пресметка на ДИК, базирана на овие првични неофицијални резултати, коалицијата на СДСМ освоила 46 пратенички мандати, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден.

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев доцна синоќа прогласи победа на парламентарните избори, кажа дека народот избрал иднина и напредок, наместо обнова на режимот, и најави дека следува правда во државата.

    „Економија и правда, тоа го бараат граѓаните од нас, тоа ќе го испорачаме“, рече Заев, но не одговори на прашањето со кого ќе коалицираат и дали е можно ДУИ да не биде дел од новата Влада.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера не се обрати на јавност. Прес-конференција одржа генералниот секретар на партијата Игор Јанушев кој кажа дека резултатите биле тесни и ќе почекаат да се пребројат гласовите на сите избирачки места пред да кажат колку пратеници освоиле.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира