САЈТОТ НA ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ 5 МЕСЕЦИ Е НЕАКТИВЕН, ЌЕ ОБЈАВУВА РЕШЕНИЈА ЗА КОВИД ИЗОЛАЦИЈА ОТКАКО ЌЕ ГО ДОБИЕ ЗАПИСНИКОТ ОД ВЛАДА

    САЈТОТ НA ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ 5 МЕСЕЦИ Е НЕАКТИВЕН, ЌЕ ОБЈАВУВА РЕШЕНИЈА ЗА КОВИД ИЗОЛАЦИЈА ОТКАКО ЌЕ ГО ДОБИЕ ЗАПИСНИКОТ ОД ВЛАДАПоследната вест на сајтот датира од 18 август 2021 и се однесува на небезбеден козметички производ од увоз. (Фото: Принтскрин од веб страна)

    Од пред 5 месеци е последната вест објавена на вебстраницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), каде, согласно вчерашната Владина одлука, треба да започне јавна објава на решенијата за изолација на лицата позитивни на ковид-19 и лицата кои имале контакт со заразен. Последната вест на сајтот датира од 18 август 2021 и се однесува на небезбеден козметички производ од увоз.

    На нашето прашање кога ќе започне објавата на решенијата за изолација на веб страницата, директорката на Инспекторатот, Иринка Сотирова -Бухова, ни одговори дека чекаат по службен пат да го добијат записникот од вчерашната седница на Влада кога беше донесен заклучок за промена на доставата на решенијата за изолација.

    „Државниот санитарен и здравствен инспекторат треба да го добие по службен пат записникот од седницата на Влада (потребен е број на одлуката) и потоа ќе почне електронската достава на решенијата. Граѓаните ќе бидат навреме информирани“, одговори Сотирова-Бухова.

    Решенијата за изолација досега лицата ги добиваа на вибер испратени од ДСЗИ, најчесто два или три дена по позитивниот наод. Но, за време на последниот бран со омикрон, голем број граѓани се пожалија дека им поминаа деновите за изолација по добиениот позитивен тест, а сè уште не добиле решнија. Од Владата вчера соопштија дека новиот начин за достава на решенија се применува заради брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување.

    Сотирова-Бухова нагласува дека на дневна основа има повеќе стотици решенија за изолација, па одлучиле да ги искористат одредбите од Законот за општа управна постапка кои дозволуваат скратена и поефикасна постапка на достава, а со тоа вели дека и граѓаните ќе бидат навремено информирани, а и ќе се заштедат време и огромни ресурси.

    Посебно сензитивно прашања што се отвора со примената на новиот метод на објава на решенија за изолација на вебсајт и во Службен весник е на кој начин и до која мера ќе бидат заштитени личните податоци на граѓаните.

    Епидемиологот д-р Харис Бабачиќ, кој е докторанд на Медицинскиот универзитет „Каролинска Институт“ во Стокхолм, Шведска, смета дека јавното објавување на решенијата за изолација е неетичко и од тоа ќе нема корист.

    „Објавување на резултати од испитувања на граѓани и пациенти јавно на вебсајт, уште па со адреса на живеење, е неприфатливо за било која болест, па и за оваа. Неетички е и нема да има корист од тоа. Исходот од оваа одлука ќе биде јавно жигосување, огромна стигма и дополнително одвраќање на граѓаните да се тестираат. Доколку ДСЗИ имале проблем со доставување на решенија за изолација во печатена форма, тоа можеле многу лесно да го решат со софтверско решение каде корисникот на безбеден сајт ќе се логира со корисничко име и лозинка за да го добие резултатот и решението автоматски а да приватноста му биде заштитена. Се надевам дека и оваа влада ќе ја повлече одлуката“, објави денеска д-р Бабачиќ на својот фејсбук профил.

    Од Државниот санитарен и здравствен испекторат уверуваат дека личните права на пацинетите нема да бидат повредени.

    „Постапката ќе биде во целост усогласена со одредбите од Законот за лични податоци и личните податоци кои ќе се објават ќе бидат во минимален обем и само за постигнување на целта за кои е донесено решението“, велат од ДСЗИ.

    Лошо се покажа искуството на Црна Гора, која на почетокот на пандемијата јавно ги објави имињата и адресите на лицата во самоизолација. Подоцна, Црна Гора објави дека на 2.720 лица кои беа во самоизолација поради ковид-19, а чии имиња беа објавени во јавноста ќе им исплати по 300 евра оти тие ја тужеле државата. За таа цел, државата ќе треба да издвои 816.000 евра како надомест на нематеријална штета поради повреда на личните права со објавување лични податоци.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира