На крајот на јуни 2024, во Скопје останале само три угостителски објекти што легално можеле да работат по полноќ, односно по работното време предвидено за кафулиња и за ресторани. Тоа го покажуваат последните податоци за издадени лиценци за угостителски дејности објавени на веб-страницата на Министерството за економија и труд, објави БИРН во новата анализа.
Две од овие места биле регистрирани како кабареа, а едно како диско-клуб на отворено. Две се наоѓаат кај Градски парк, а едно во близина на Театар Комедија. Ниту еден друг објект во главниот град што во тој период примал гости по полноќ или по 1 часот во викендите, не работел легално.
А дека имало и други локации, освен овие, на кои се одржувале ноќни забави, има многу сведоштва на социјалните мрежи, меѓу другото и реклами од самите клубови што ги нема на списокот со лиценци.
Документот од Министерството содржи податоци од 2017 до почетокот на 2025 година. Од него може да се види дека секоја година во целата држава се издавале по триесетина вакви одобренија за угостителските објекти од типовите кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворено (единствените што може да работат ноќе), со исклучок на пандемиските години, 2020 и 2021, кога бројот паднал на само седум, односно дванаесет. Најмногу, 39 лиценци, се издале во 2017, во 2023 година имало 33, а во првата половина од 2024 година – 16, а во 2015 – 12.
Овие документи за работа се издаваат на годишно ниво, а компаниите што управуваат со вакви угостителски објекти имаат обврска да ги обноват откако ќе им истечат. Од списокот на Министерството може да се види дека многу клубови и кабареа не го прават тоа редовно, односно имаат „дупки“ меѓу една и друга лиценца. На пример, пет познати скопски објекти, кои добиле лиценци во првата половина од 2023, не ја обновиле во 2024 година. Но, нема информации дали тие навистина не работеле во периодите кога немале документи.
Дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која вчера во пожар изгореа 59 лица главно на возраст од 14-25 години, што е една од најголемите несреќи во земјава, извадила лиценца во 2021, а потоа во 2023. Според повеќе сведоштва, таа работела постојано.
Од Министерството за економија, пак, за БИРН велат дека во моментов имаат издадено вкупно 24 активни лиценци, од кои 20 се за кабаре, две за диско-клуб и две за диско-клуб на отворен простор. Уште пет барања се во постапка.
Во Пазарната инспекција, според последните јавно објавени податоци од 2023 година, биле вработени вкупно 255 луѓе, но не се знае колку од нив се инспектори, а колку администрација. Во 2024 година, пак, спровеле вкупно 5.586 контроли, но само 176 од нив биле според Законот за угостителска дејност, под кој се водат не само кабареата и ноќните клубови, туку и други објекти, како хотели, ресторани и кафулиња.
Владата денеска соопшти дека утре, 18 март, започнува теренска контрола на сите субјекти регистрирани како кабаре или дискотеки, ноќни клубови, по што ќе се излезе со детални информации.
Лиценца за дискотека може да се добие само со пријава која газдата сам си ја потпишува дека ги исполнува минимално-техничките услови. Не е потребен градежен проект потпишан од овластен проектант. На овој апсурд посочуваат стручни лица од областа на градежништвото и урбанизмот со кои разговаравме во Секторите за урбанизам и планирање во неколку Општини, по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тие велат дека процедурите за лиценца за ноќен клуб, кабаре и дискотека се олеснети, баш за да може да се заобиколат строги критериуми и стандарди за безбедност.
„Нашата струка е целосно исклучена од оваа процедура. Доколку се почитуваат стандарди, ниту едно диско во земјава што сега работи, нема да може да се отвори. Воопшто не се бара имотен лист и каква намена има објектот, не се бара проект потпишан од овластен проектант, ниту елаборат за противпожарна заштита. Имаме случаи ноќни клубови да се отвараат дури и во објекти со намена ‘домување’. Објект ‘дискотека’ не може да се вцрта во Детален урбанистички план во зона на домување. Но, овие документи не се бараат за да се добие лиценца. Само се поднесува пријава до Министерството за економијата која газдите со штиклирање ја пополнуваат дека ги исполнуваат минимално-техничките услови што се пропишани со Правилник, а никој не излегува на терен за тоа да го провери пред да се издаде лиценцата“, велат стручни лица од Секторите за урбанизам и планирање.