САМО ЕДНА ФИРМА СЕ ПРИЈАВИЛА НА ТЕНДЕРОТ ОД 35 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КРВНИ АНАЛИЗИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НЕ КАЖУВА КОЈА Е И ДОПРВА ЌЕ ЈА РАЗГЛЕДУВА ПОНУДАТА

    САМО ЕДНА ФИРМА СЕ ПРИЈАВИЛА НА ТЕНДЕРОТ ОД 35 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КРВНИ АНАЛИЗИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО НЕ КАЖУВА КОЈА Е И ДОПРВА ЌЕ ЈА РАЗГЛЕДУВА ПОНУДАТАМинистерството за здравство не кажува која фирма ја дала единствената понуда на оваа јавна набавка и кога е регистрирана; - министерот за здравство д-р Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Само една фирма се јавила на тендерот за набавка на тестови и реагенси за крвни анализи, што го распиша Министерството за здравство како дел од проектот за централизација на лабораториите во јавните здравствени установи. Вредноста на јавната набавка, која е тригодишна е 35 милиони евра.

    Од Министерството за здравство не добивме одговор која компанија ја дала единствената понуда на оваа јавна набавка и кога оваа фирма е регистрирана.

    „Отворањето на понудите за наведената постапка беше јавно и транспарентно на кое присуствуваа 10 претставници и претставник на Центарот за граѓански комуникации. Согласно законот за јавни набавки, во моментов не смеат да се откриваат дополнителни информации“, велат од Министерството за здравство.

    Со овој проект, место во над 300 лаборатории во јавните здравствени установи крвни анализи ќе се прават само во осум централни лаборатории, од кои две во Скопје односно на Клиниката за биохемија и во Градската општа болница „8 Септември“, во болниците во Куманово, Битола, Охрид, Штип, Струмица и Тетово. Место 112 магацини во кои сега се чуваат реагенсите, ќе има осум.

    Од Министерството за здравство велат дека сѐ уште не е склучен договор, односно во тек е постапката за разгледување на понудата.

    „На 16.07.2018 во 13.00 часот се отвори тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи со отстапување на потребната опрема, односно анализатори на бесплатно користење за потребите на Јавните здравствени установи. Во законскиот рок, а до крајниот рок за поднесување на понуди пристигната е само една понуда. Од причина што станува збор за тригодишна јавна набавка и проценетата вредност на набавката е висока. Министерството за здравство ќе ја разгледа понудата со целокупната документација во законски одредениот рок. Во моментов постапката е во фаза на евалуација и сѐ уште не е спроведена електронска аукција“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира