Седум пациенти во земјава до сега се заразени со делта сојот и ниту еден од нив не бил вакциниран против ковид-19, велат од Министерството за здравство. Оттаму додаваат дека единствен начин да се спречи нов силен бран на вирусот е граѓаните масовно да се вакцинираат.
„Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, делта сојот има висока трансмисибилност, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат. Сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти и стручњаци во областа на вирусологијата и епидемиологијата, укажуваат на тоа дека единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот или другите соеви на SarsCov2 е вакцинацијата“, велат од Министерството за здравство.
Од кабинетот на министерот Венко Филипче додаваат дека сите вакцини кои ги има кај нас се безбедни признаени од СЗО и националните институти на земјите што ги произведуваат.
„Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход. Министерството за здравство апелира до граѓаните дека е важно да спрoведеме брза и ефиксна вакцинација, затоа упатуваме апел и повик до сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат, што побрзо да се вакцинираат. Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна“, велат од Министерството.
Вакцинацијата во сите пунктови се одвива со закажан термин, а од понеделник 12 јули ќе се врши и без закажан термин, а ќе започне и теренската вакцинација.
Досега вкупно се аплицирани 613.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 232.595 граѓани. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 491.363 граѓани.
А. АНТЕВСКА