САМОУБИСТВОТО Е ТРЕТА ПРИЧИНА ЗА СМРТНОСТ КАЈ ЛИЦА ОД 15 ДО 29 ГОДИНИ ВО СВЕТОТ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    САМОУБИСТВОТО Е ТРЕТА ПРИЧИНА ЗА СМРТНОСТ КАЈ ЛИЦА ОД 15 ДО 29 ГОДИНИ ВО СВЕТОТ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕНеколку земји ја вклучиле превенцијата од самоубиства како здравствен приоритет, а само 38 земји имаат национална стратегија за превенција. (Фото: К. Попов)

    Самоубиството е трета водечка причина за смрт кај лица на возраст од 15 до 29 години во светот, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во чест на 10 септември, Светски ден за превенција на самоубиства.

    Според извештајот, повеќе од 720.000 луѓе умираат поради самоубиства секоја година, а 73 проценти од глобалните самоубиства се случуваат во земји со ниски и средни приходи.

    Самоубиствата се голем јавно-здравствен проблем, секое самоубиство има далекусежни социјални, емоционални и економски последици на заедниците ширум светот.

    Во 2021, самоубиството беше третата најчеста причина за смрт кај младите од 15 до 29 години во светот, при што речиси три четвртини (73%) од случаите се случиле во земји со ниски и средни приходи.

    Институтот вели дека темата на Светскиот ден за превенција од самоубиства за периодот 2024-2026 година: „Промена на наративот за самоубиства“ заедно со повикот за акција „Започни го разговорот“, има за цел да ја подигне свеста за важноста на намалувањето на стигмата и поттикнувањето отворени разговори за спречување на самоубиствата.

    „Промената на наративот за самоубиства подразбира трансформирање на начинот на кој го перципираме ова комплексно прашање, како и премин од култура на молчење и стигма кон култура на отвореност, разбирање и поддршка.

    Овој повик за акција ги охрабрува сите да започнат разговор за самоубиствата и нивната превенција. Секој разговор, без разлика колку и да е мал, придонесува кон создавање на поддржувачко општество кое им помага на поединците што се соочуваат со овие сериозни проблеми. Со иницирање на вакви значајни разговори, можеме да ги разбиеме бариерите и да ја подигнеме свеста, овозможувајќи развој на култура на поддршка.

    Темата, исто така, ја истакнува важноста од давање приоритет на превенцијата од самоубиства и грижата за менталното здравје во креирањето политики, повикувајќи на владина акција. Промената на наративот бара застапување за политики кои го приоритизираат менталното здравје, го зголемуваат пристапот до услуги и обезбедуваат поддршка за оние на кои им е потребна“, вели Институтот за јавно здравје.

    Светскиот ден за превенција од самоубиства е воспоставен во 2003 од Меѓународната асоцијација за превенција од самоубиства во соработка со Светската здравствена организација (СЗО).

    Според експертите, врската помеѓу самоубиствата и менталните нарушувања, како депресијата и нарушувањата поврзани со употреба на алкохол, е утврдена во земјите со високи приходи. Сепак, многу самоубиства се случуваат импулсивно во моменти на криза, при нарушена способност за справање со животните предизвици, предизвикани од финансиски проблеми, конфликти во врските или хронична болка. Дополнително, доживувањето на насилство, злоупотреба или загуба, како и чувството на изолација, е тесно поврзано со самоубиственото однесување, особено кај ранливите групи кои се соочуваат со дискриминација, како бегалците, мигрантите, ЛГБТИ заедницата и затворениците.

    За мерките кои можат да се преземат за да се спречат самоубиствата и самоповредувањето, иницијативата за превенција од самоубиства на СЗО, „Живеј го животот“ (Live life) ги препорачува следниве клучни ефикасни интервенции базирани на докази:

    – Oграничување на пристапот до средства за самоубиства (на пр., пестициди, огнено оружје, одредени лекови);

    – Интеракција со медиумите за одговорно известување за самоубиства;

    – Поттикнување на социо-емоционални животни вештини кај адолесцентите; и

    – Рано идентификување, проценка, управување и следење на секој што е погоден од самоубиствено однесување.

    „Овие мерки треба да се спроведуваат заедно со ситуациска анализа, мултисекторска соработка, подигање на свеста, градење капацитети, финансирање, надзор и мониторинг и евалуација.

    Превенцијата од самоубиства бара координација и соработка помеѓу различни сектори на општеството, вклучувајќи го здравството, образованието, трудот, земјоделството, економијата, правдата, одбраната, политиката и медиумите. Со оглед на повеќеслојната природа на самоубиствата, неопходни се сеопфатни и интегрирани напори.

    Неколку земји ја вклучиле превенцијата од самоубиства како здравствен приоритет, а само 38 земји имаат национална стратегија за превенција. Подигањето на свеста и рушењето на табуата се клучни за напредок. Без овие промени, спречувањето на самоубиствата останува предизвик“, апелира Институтот за јавно здравје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира