САШО МИЈАЛКОВ И МУСА ЏАФЕРИ ЌЕ СВЕДОЧАТ ЗА ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРО

    САШО МИЈАЛКОВ И МУСА ЏАФЕРИ ЌЕ СВЕДОЧАТ ЗА ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРОСудењето за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро продолжува на 27 февруари, а ќе сведочат Сашо Мијалков и Муса Џафери. (Фото: СДК.МК/МИА)

    Обвинителот Џелал Бајрами, заменик-министер за внатрешни работи во времето кога се случи петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, во денешното сведочење на „Монструм“ ја обвини тогашната министерка Гордана Јанкулоска дека презела улога на обвинител и на 1 мај 2012 година, 18 дена по убиствата, на прес-конференција ги обвинила и осудила приведените, со што предизвикала тензична ситуација во МВР.

    „Дали функцијата заменик-министер за внатрешни работи подразбира и обврска да го информирате лидерот на вашата партија за докази и детали од истраги? Во транскриптите што ги имаме овде, вие го брифирате лидерот на ДУИ Али Ахмети“, ги праша обвинителката Фатиме Фетаи, според она што го има во прислушуваните разговори.

    „Секако дека немам таква обврска. Сме имале со лидерот на ДУИ само неформални разговори за истрагата“, одговори сведокот.

    „На кој начин сте ја добиле информацијата дека сега обвинетиот Хаки Азири кој беше под заштитни мерки како сведок, се јавил на родителите за да им каже дека е добар?“, постави прашање Фетаи.

    Бајрами на тоа не одговори конкретно.

    На подоцнежните прашања, Бајрами повторуваше дека зборувал со сите политички чинители во врска петкратното убиство, а не и со обвинителско-судските институции вклучени во истрагата.

    Ова повторено судење продолжува на 27 февруари, за кога се повикани сведоците Сашо Мијалков, Синиша Алексовски, Блерим Беџети, Муса Џафери и Зоран Трајковски, кој ако не дојде сам, судот кажа ќе го спроведе со полиција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира