Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага и побара триесетдневен притвор за директорката на гостиварското јавното претпријатие „Комуналец“ и двајца раководители на сектори, кои се сомничат за тешки дела против животната средина и природата, беше соопштено на денешната прес-конференција во Гостивар, на која што присуствуваше државниот обвинител Ненад Савески. Тројцата се товарат дека дале налог за поставување пумпи со кои непречистена вода се мешала со водата за пиење, што доведе до масовно заболување на граѓаните.
Пумпите биле поставени во надворешен канал со цел да се зголеми притисокот на водата во водоводниот систем за Гостивар и околните села. Анализите од Институтот за јавно здравје покажале присуство на колиформни и фекални бактерии во водата земена од каналот и од преливната станица. Во внатрешноста на каптажата биле детектирани 39 колиформни бактерии, иако според стандардите таа вредност мора да биде нула. Водата од чешмите кај крајните корисници не покажала присуство на бактерии, но имала зголемено ниво на хлор над дозволените граници.
Делото за кое се гонат тројцата осомничени предвидува затворска казна од најмалку четири години. Според Обвинителството, истражната постапка е во почетна фаза и допрва ќе се утврдува причинско-последичната врска помеѓу епидемијата и резултатите од анализираната вода. Доколку се најдат докази, истрагата може да се прошири и на други лица од претпријатието, општината или други надлежни институции, вклучувајќи ги и оние кои имале законска обврска да ја контролираат исправноста на водата.
Постапката започнала по анонимна пријава од загрижени граѓани до полицијата. Лекарскиот третман на заболените пациенти се одвивал симптоматски и не зависел директно од резултатите од анализите на водата. Институциите дополнително ќе испитуваат дали има одговорност и кај други субјекти, како локалниот Центар за јавно здравје и болницата, поради евентуално ненавремено известување за зголемениот број пациенти. По отстранувањето на спорните пумпи, надлежните здравствени институции треба да продолжат со редовните функции за нормализирање на водоснабдувањето.



