Деведесет отсто од дрогата што се дила во Македонија е нечиста, кокаинот се меша дури и со стакло од мелени неонки, а хероинот и со отров за глувци и бетон, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР) и додаваат дека од тоа има и смртни случаи. Проблемот е комплексен и поради тоа што се појавуваат разни нови дроги, кои често се користат рекреативно и во широк возрасен спектар од тинејџери до средовечни, но поради ограниченоста на лабораториски капацитети на клиниките, лекарите не можат да докажат за кој тип дроги станува збор.
Не постои ниту организирано информирање, предупредување и алармирање, ни од МВР ниту од здравствените власти, дека во земјава се дила опасна дрога.
Меѓу запленетите наркотични дроги во земјава МВР во 90 отсто открива замешани супстанции. Хероинот, во најголем број случаи, е помешан со други супстанции, додека кокаинот се сретнува и во чиста и во мешана форма. Во дрогата се додаваат различни видови медикаменти (седативи, аналгетици, антипиретици и слично), анестетици, прехрамбени продукти (шеќери, скроб, кафе, какао и слично).
„Поголемиот дел од дрогата што се запленува при влез во земјава е чиста со висок процент на чистота и квалитет, но откако ќе се дистрибуира меѓу дилерите истите најчесто ја мешаат со цел зголемување на масата и поголема заработувачка, а со тоа животозагрозувачките супстанции се зголемени. Мешањето на дрогата се врши најчесто во приватни објекти, скривалишта, депоа“, ни рекоа од МВР.
Оттаму велат дека најчесто хероинот е измешан со кодеин и кофеин и парацетамол, потоа често и со бетон, со разни медикаменти кои ги мелат, со витамини, со отров за глувци и друго. Кокаинот го мешаат со лидокаин, и со средства и препарати за животни, со мелење на неонки (стакла), со пудра, со мелени медикаменти (таблети), со аналгетици и друго.
На нашето прашање какви се последиците од мешањето на дрогите, од МВР велат дека секако оти поголемиот дел се животозагрозувачки. Има смртни случаи, велат, поради предозираност и од тоа што во дрогите има штетни супстанции кога се мешаат.
На сајтот на МВР е објавена статистика за запленети количини дрога само во периодот од 2001 до 2010. Најголемо количество хероин е запленето во 2009, и тоа 213 кила и 763 грамови, а кокаин во 2007, 486 кила и 742,74 грамови.
Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, со над 30-годишно искуство, на 5 август на Фесјбук објави дека последните 12 месеци немало дежурство без да се примат издрогирани пациенти со кокаин, и дека тоа се најчесто на возраст околу 30 години.
„Со црни џипови и секогаш со уште 5-6 испиени најскапи вискија, често зачинети и со вијагра. Грам кока зависно од квалитетот е меѓу едно обично и викенд дежурство на лекар“, напиша д-р Беќаровски кој не одговори на нашите пораки за коментар.
Во моментов, цената на квалитетен кокаин е околу 100 евра за грам. Д-р Беќаровски во изјава за ТВ Телма рече дека порано се сметаше оти кокаинот е дрога за богатите, но сега се примаат лица кои тврдат дека ја купиле многу поевтино од цената по која се продава чистиот кокаин на црниот пазар. Причината е, рече тој, што се појавиле 20 форми на лажен кокаин, со многу примеси, што го прави многу поопасен за оние што го земаат.
„Кога ќе го видите пациентот, веднаш знаете дали зел чист кокаин или со примеси. За жал, многу од тие џет-сет забави кои се одвиваат во градот се изворот од каде доаѓаат многу пациенти кои се предозирани со кокаин, тогаш се работи за чист кокаин. Тоа нашата лабораторија го докажува. Меѓутоа, на пазарот има, се појавија 20 форми на т. н. фејк коканин, кој е сличен по хемиската формула, меѓутоа има многу понесакани ефекти од вистинскиот кокаин. И очигледно е распространет кај нас. Годишно излегуваат 100 до 125 нови дроги во светот, а земјава ги следи ваквите трендови. Но, со ограниченоста на нашите лабораториски капацитети, не можеме да докажеме за кој тип на дроги станува збор“, изјави Беќаровски.
За разлика од Македонија, каде полицијата и здравствените власти не издаваат предупредувања кога ќе се појави опасна дрога, Амстердам во Холандија е урнек за организирана превенција која може да спаси животи.
Уште во 2014, здравствените власти во Амстердам почнаа кампања за да предупредат на опасни дроги што им се продаваат на туристите, откако починаа тројца Британци кои шмркале хероин за кој можеби верувале дека е кокаин. Портпаролот на полицијата во Амстердам, Роб ван дер Веен, тогаш кажа дека уште на 14 други лица им се слошило откако ја земале таа дрога. Марихуаната е дозволена во кафулиња во Амстердам, но тешките дроги како кокаин и хероин се нелегални.
И покрај тоа, Ван дер Веен рече дека туристите не треба да се плашат од апсење ако повикаат полиција и брза помош ако видат дека некому му се слошило од земање дрога.
„Ако луѓето се доволно глупави за да ги користат и да им се слоши, ние не сме таму да ги уапсиме, ние сме таму за да спасиме животи. Тоа е нашиот најголем приоритет“, рече Ван дер Веен и ги повика граѓаните сите случаи да ги пријавуваат на бројот за итни случаи 112.
Б. НЕСТОРОСКА