СЕ КРИЕ ПРОГРАМАТА ЗА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОЈ Е ВО КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛО

    СЕ КРИЕ ПРОГРАМАТА ЗА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОЈ Е ВО КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛОНа официјалната страница на Скопје 2028 има општи информации за Скопје, но нема кој членува во Координативното тело, ниту пак фотографија, досега не е одржана ниту една тематска прес-конференција за Скопје 2028, ниту е претставен тимот кој ќе го организира. (Принтскрин од Скопје 2028)

    Ниту една институција, ниту едно одговорно лице не излегува во јавност со информации што се случува со програмата за Скопје Европска престолнина на културата 2028. Информации за идни планови и проекти нема ниту на официјалната страница на Скопје 2028, за разлика од страниците на градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција, со кои Скопје ќе ја дели оваа титутла.

    На официјалната страница на Скопје 2028 има општи информации за Скопје, има најави за настани како еден вид културен водич, но нема информации кој членува во Координативното тело, ниту пак фотографија. Досега не е одржана ниту една тематска прес-конференција за Скопје 2028, ниту е претставен тимот кој ќе го организира.

    За разлика од Скопје, на страницата на Бурж 2028 е објавена групна фотографија од целиот тим, објавено е дека вклучува 21 посветенo лице и дека годинава внимателно ќе го следат развојот на проектите од Кемниц (Германија) и Нова Горица (Словенија/Италија), европски престолнини на културата за 2025.

    Како и Бурж, и Ческе Будовице на својата интернет страница го има објавено тимот со фотографии и имиња и презимиња, а има и информации за проекти.

    (Фото: Принтскрин со тимот од официјалната страна на Бурж 2028)

    Во септември 2023 во Брисел, во присуство на делегација на чело со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 16 декември објави дека одбор во Европската Комисија (ЕК) изразил загриженост од информациите кои ги добил од претставници од Македонија за активностите околу организирањето на настанот Скопје Европска престолнина на културата 2028.

    После тоа, на 20 декември, министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека би било погубно да се случи да ни се одземе титулата за Скопје Европска престолнина на културата за 2028 и дека е во комуникација со сите европски амбасадори и дека ќе сторат сѐ што треба да не се случи Скопје да ја изгуби оваа титула.

    (Фото: Принтскрин од официјалната страница на Ческе Будјејовице)

    Последната информација од Министерството за култура е од 8 февруари, кога министерот беше на отворањето на Европската престолнина на културата Нова Горица, во Словенија.

    „Ја споделувам атмосферата од оваа незаборавна церемонија, која ја одбележува новата етапа во културниот живот на Европа. Европската престолнина на културата (ЕПК) е програма на Европската Комисија, започната во 1985 година, која прерасна во еден од најамбициозните културни проекти во Европа. Нејзината цел е да ја промовира различноста на културите, да ги истакне заедничките карактеристики и да поттикне придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите. Со нетрпение го очекувам и моментот кога Скопје ќе стане град на културата во 2028 година! Оваа титула ќе ни овозможи да покажеме нашата уникатна културна наследство и креативност, а истовремено да се поврземе со други европски култури“, се вели во фејбук објавата на Љутков од Нова Горица.

    Како што стои во извештајот на Европската комисија, лани во октомври  се одржал онлајн состанок помеѓе шестмина членови на Одборот од Комисијата и по еден претставник од Град Скопје и Универзалната сала, на кои не им се објавени имињата. На состанокот учествувале и набљудувачи од Европската Комисија, од Европската делегација во Македонија, како и од Секторот за евроинтеграции при Министерството за култура.

    Пред да се разгледаат шесте критериуми со кои се регулираат активностите за европската престолнина на културата, Одборот изрази значителна загриженост дека извештајот поднесен од Град Скопје не се придржувал до деталните упатства дадени од Европската Комисија за специфичната содржина потребна за извештајот за напредокот на ЕПК 2028.

    „Одборот се распрашуваше за моменталниот статус на развојот на културната програма и за идните ажурирања. Сосема конкретно, Одборот сакаше прецизни информации за тоа кој работи на културната програма, колку проекти од тендерските постапки беа потврдени во оваа фаза, како планирале да продолжат да ја развиваат програмата и врз основа на која критериуми. Понатаму, Одборот сакаше да знае кога Градот Скопје очекува да може обезбеди ажурирана програма Скопје 2028 и детален буџет. Претставникот на Градот Скопје ги спомена тековните културни активности кои се одвиваат во градот кои не беа конкретно релевантни за Скопје 2028 и не наведоа специфики за проектите поврзани со Европската престолнина на културата. Градскиот претставник истакна дека ажуриран список со активности и програма ќе биде изготвен, но не беше утврдена јасна временска рамка. Одборот, исто така, забележа дека на интернет страницата за Скопје 2028 година, наведениот телефонски број за контакт изгледа необичен и сакаше да знае дали беше грешка или оригинален телефонски број. Претставникот од Градот Скопје не беше свесен за ова и го увери Одборот дека ќе го разгледа ова“, стои меѓудругото во Извештајот.

    На 8 февруари, на отворањето на Европската престолнина на културата Нова Горица, Љутков учествуваше на состанокот на министри за култура на Западен Балкан. (Фото: Министерство за култура)

    Членовите на Одборот исто така побарале појаснување за улогите на двајцата претставници од Градот и Универзалната сала, споредувајќи ги со претставниците првиот првиот мониторинг состанок, бидејќи тие се разликувале од тимот кој раководеше со Скопје 2028 кога одборот го посетил Скопје во 2024 и на изборот во Брисел во 2023. Дополнително, Одборот побара информации во однос на структурата, составот и функционирањето на Координативното тело, како и неговиот однос со извршниот тим на ЕПК и различните територијални нивоа на власт и јавната администрација.

    Одборот бил известен дека изборот на независно Координативно тело доцнело поради претседателските и парламентарни избори и дека ќе биде формирано најдоцна до почетокот до средината на ноември 2024. Новото Кооринативно тело ќе го сочинуваат 13 членови: тројца од Град Скопје, тројца од Министерството за култура и седум јавно познати лица, кои ќе влезат во телото преку отворени повици. Претставникот на Град Скопје го увери Одборот дека новото тело ќе функционира во рамките на канцеларијата на Град Скопје, но независно со своја законска рамка.

    „Претставникот од Град Скопје го извести Одборот дека статутите за телото за доставување ќе бидат испратени до Европската комисија во рок од една недела од 8 октомври 2024 година. Одборот изрази длабока загриженост дека сè уште немало формирано тело за организирање и покрај уверувањата дадени од градоначалничката на Скопје за време посетата на делегацијата од Одборот во април 2024. Одборот беше изненаден кога дозна дека привремениот тим претходно одговорен за Скопје 2028 повеќе не беше ангажиран во процесот на ЕКП. Не беше понудено објаснување зошто претходниот тим бил заменет и претставникот од Град Скопје го увери Одборот дека е обезбеден континуитет“, вели извештајот.

    Дополнителни онлајн состаноци со Европската комисија и Одборот може да бидат закажани во наредните месеци за да се осигураат дека проектот „Скопје 2028“ целосно почнува, потенцијално проследен со посети на самиот град, натамошен ангажман и надзор.

    На 11 декември, американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер најави дека скопскиот Аквадукт, споменик на културата од особено значење и значаен белег на градот, ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД и додаде: „Се надеваме дека ќе ги видиме плодовите од овој комплексен проект до 2028 година, навреме за прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата“.

    Во октомври, министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира