Добро е што Клиниката за детски болести презема одредени чекори, се надевам дека ќе се разбуди совеста и кај менаџментот на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари во врска со смртта на 14-месечното девојче кое почина на 5 октомври.
На 18 октомври, Клиниката за детски болести соопшти дека се суспендирани од работа двајцата здравствени работници – доктори-специјалисти кои на 3 октомври биле дежурни и извршиле преглед на 14-месечното девојче. Клиниката донесе одлука за времено отстранување на докторите и за формирање Комисија за утврдување на дисциплинска одговорност.
Лекарската комора, исто така на 18 октомври, кажа нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор за лекувањето на 14-месечното девојче кое почина на Клиниката за детски болести и ќе чека решение од министерот за здравство за Арбен Таравари со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи.
„Ние сега официјално ќе дадеме поднесок до Етичката комисија во Лекарската комора која треба да олучува. Наши препораки ќе има, извештајот е тука, доколку не веруваат на извештајот, нека си направат свој. Меѓутоа, дека има одредени лекарски пропусти, има. Затоа добро би било сите ние заедно, да дадеме одредени сигнали до граѓаните да почнуваат да веруваат во системот. Сите сме доктори, сите може да згрешиме, па треба да има некаква казна, дали симболично, меѓутоа треба да има некакви последици од ова“, рече Таравари на новинарско прашање по настан со претставници од Здружението посветено на пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“.
Девојчето почина на Детската клиника откако претходно било одбиено за хоспитализација на оваа Клиника и родителите го однеле во болницата „Козле“. Комисијата при Министерството за здравство на 14 октомври го објави извештајот од стручниот надзор во кој меѓудругото стои дека на Детска клиника при вториот преглед извршен на 3 октомври е направен превид во проценката за потреба од хоспитализација на детето, а во „Козле“ е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии.
Таравари претхдно кажа дека извештајот е испратен до двете клиники и до Лекарската комора, и додаде дека не е ниту судија, ниту обвинител, но дека очекува одговорност и мерки од директорите на двете клиники.
Б. НЕСТОРОСКА