СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ВО 2024 ЌЕ ПОЧНЕМЕ СО СКРИНИНГ ЗА РАК НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИ

    СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ВО 2024 ЌЕ ПОЧНЕМЕ СО СКРИНИНГ ЗА РАК НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИ„Ќе има комплетно нова амбуланта финансирана од Министерството, нов комлетен колоноскопски кабинет, комплетна опрема, додека во однос на кадар клиниката веќе располага со квалитетен и обучен кадар“, додаде министерот при вчерашната посета на Поликлиника Железара. (Фото: Министерство за здравство)

    Се надеваме дека од 2024 година во земјава ќе се прави и скрининг за карцином на дебело црево, вели министерот за здравство Фатмир Меџити. Скринингот на карцином на дебело црево ќе се прави исклучиво само на Клиниката за гастроентерохепатологија, согласно стандардите и ЕУ директивите.

    „Сите овие директиви во форма на задачи беа зададени на Министерството за здравство според кое што беа прилагодувани во сите три скрининг програми во текот на годината. Ќе има комплетно нова амбуланта финансирана од Министерството, нов комлетен колоноскопски кабинет, комплетна опрема, додека во однос на кадар клиниката веќе располага со квалитетен и обучен кадар“, додаде министерот при вчерашната посета на Поликлиника Железара.

    За скринингот на рак на дојка во тек на 2022 и 2023 година, Меџити кажа дека се набавени голем број на апарати, најсофистицирана опрема односно дигитална мамографија во Општа Болница Куманово, Струмица, Дебар и Општа болница Тетово, Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и Институтот за Радиологија, нови мамомати со можност за стереотакса и томосинтеза.

    Во моментот магнет за дојка работи само во ГОБ „8 Септември“. Магнетот на дојка се прави на пациентки што се во помлада возраст, доколку имаат некои промени под 40 години, каде што мамографијата не е клинички индицирана.

    Формирана е и национална комисија ,,Тумор борд” за пациенти со дијагностициран рак на дојка, која ќе работи на патеката кај овие пациентки.Комисијата ја сочинуваат специјалисти од повеќе клиники кои се вклучени во процесот.

    Додека здравствените власти се фалат со нови апарати, пациентите не можат да закажат термини, или пак нема термини за прегледи. Проблем со закажување има и преку матичните лекари, бидејќи тие веќе не може да закажуваат за мамографија, туку ги праќаат пациентките сами да си закажат на страната на националната скрининг програма за програма за рано откривање рак на дојка. Таму во моментот не се добива термин, туку пациентката добива известување дека ќе ѝ стигне смс-порака кога ќе има термин.

    Жените до 45 години кои немаат симптоми, превентивен преглед со ехо на дојка траба да закажат преку матичните лекари, кои закажуваат во Центрите за дојка кои ги има во дел од поликлиниките. Но, и за таму нема термини.

    Според анализите на Министерството за здравство, на скринингот за рак на дојка биле пријавени 10 илјади пациентки, додека реализирани биле 4.900 скрининг мамографии.

    „Апелираме жените што ги добиваат пораките преку пријавениот телефонски број, да ги почитуваат дадените термини и локација и доколку не се во можност да одат да ги откажат своите термини, бидејќи го зафаќаат терминот на жени кои што сакаат да бидат вклучени во програмата“, вели Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира