Министерот за здравство Арбен Таравари вели оти се планира покрај изградбата на нова компресорска станица за хируршките сали на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ да се задржи и постоечката, за да биде резерва во иднина во случај на дефект.
Хируршките сали во скопските клиники се затворени од 22 мај поради реа. На првиот оглас за нова компресорска станица во јуни не се пријави ниту една фирма, а на 12 септември Министерството за здравство соопшти дека на вториот оглас пристигнала една понуда.
„За понудата во наредниот период, во рамки на законските рокови, ќе се изврши евалуација од страна на Комисијата за јавни набавки и надворешните ангажирани стручни лица, по што, доколку истата ги исполнува условите од тендерската документација, ќе биде донесена Одлука за избор на најповолна понуда и ќе се пристапи кон склучување на Договор за јавна набавка“.
Таравари, по денешната посета на Клиниката за очни болести, кажа дека денеска ќе биде брифиран во врска со понудата и оти се надева наскоро ќе почне процедурата.
„Од пред неколку дена разговаравме и за тоа дека постоечките надворешни компресори да ги задржиме, да се сервисираат и тие редовно и да бидат бекап ако во иднина се случи дефект. Ќе разговараме со фирмата која се јави на огласот како може тоа да се изведе. Колегите од хируршките сали ме информираат дека веќе не се чувствува реата и функционираат добро. Јас се надевам дека нова компресорска станица ќе имаме на почетокот на Новата година“, рече Таравари.
Уште во јули, тогашниот министер за здравство Илир Демири најави дека во Германија се испратени примероци од компресорите, но до денес не е објавен извештајот.
Б. НЕСТОРОСКА