Најголемиот малопродажен трговски комплекс во регионот „Мега шопинг парк“ во Гевгелија, денеска официјално почна со работа, привлекувајќи над 10.000 посетители во првите 24 часа. Со површина од над 20.000 метри квадратни и повеќе од 50 светски и домашни брендови, овој комплекс претставува најголемиот ритејл-парк на Балканот од овој тип.
Трговскиот комплекс отвори генералниот директор Сотирис Јанакудакис, а присуствуваше и прмиерот Христијан Мицкоски.

Забавата за отворањето почна вчера, со настапи на Тамара Тодевска и грчката пејачка Иви Адаму. (Фото: Мега)
„Денеска славиме реализација на една голема визија и проект што го рефлектира силниот економски потенцијал на земјата и на нашиот регион. ‘Мега шопинг парк’ е создаден да постави нови стандарди, а со внимателното интегрирање на сите содржини на едно место, создадовме уникатен простор кој го нуди концептот ‘целосно искуство’ (тotal еxperience) и во целост ги задоволува сите потреби на посетителите. Нашата амбиција е јасна, а тоа е да ја трансформираме Гевгелија од транзитна точка во вистинска регионална и европска дестинација и да создадеме модерно обележје на кое целата заедница ќе биде горда“, кажа Јанакудакис.
Градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов рече дека се работи за најголемата инвестиција во општината изминатите години, во вредност од над 30 милиони евра, ќе овозможи над 400 нови вработувања и ќе придонесе за поголем број ноќевања од транзитните туристи.
За време на официјалната обиколка, присутните се запозна со сите сегменти на комплексот кој е поделен на неколку клучни зони. Има Модна зона (Fashion zone) на површина од 12.000 квадратни метри, специјализирана зона за домаќинство (Home Decor) и за алати (DIY) која зафаќа 5.000 квадратни метри, најголемата зона во регионот за куглање и гејминг (Bowling & Gaming Arcade) на површина од 2.500 квадратни метри, како и делот за храна (Gourmet Avenue). Трговскиот парк располага и со смарт и еко сегмент со 12 брзи полначи за електрични возила.
„Целиот овој концепт на модерно пазарување и масовни настани го потврдува новиот идентитет на ‘Мега шопинг парк’ како дестинација од регионален формат“, велат од трговскиот парк.
Забавата за отворањето почна вчера, со настапи на Тамара Тодевска и грчката пејачка Иви Адаму, пред полн шопинг парк. Прославата ќе родолжи во текот на целиот викенд со богата програма, големи попусти во сите продажни салони и многу забава за најмладите со голем број аниматори. Престојните три дена на сцена ќе излезат Кирил Џајковски и Никифор, утре се настапите на Северина и Жаре Бербер, а в недела големото отворање се заокружува со концертите на Пајак, Зијан и Слаткаристика.



