СЕ ПОЕДНОСТАВУВА НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ОНЛАЈН УЧЕЊЕ ЗА ДА МОЖЕ СИТЕ БРЗО ДА СЕ ПРИСПОСОБАТ, ВЕЛИ ЦАРОВСКА

    СЕ ПОЕДНОСТАВУВА НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ОНЛАЈН УЧЕЊЕ ЗА ДА МОЖЕ СИТЕ БРЗО ДА СЕ ПРИСПОСОБАТ, ВЕЛИ ЦАРОВСКАУчилиштата се подготвуваат за старт на учебната година од 1 октомври. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека ја видела тест-верзијата за националната платформа за учење од далечина и смета дека треба да биде поедноставна.

    „Позадинскиот дел е завршен и тоа не е спорно, кога ќе се направи тој интерфејс со сите подготовки ќе биде презентирана за што повеќе граѓани во државата добијат слика како тоа ќе изгледа, а со тоа и децата и родителите и наставниците ќе се изложат порано на таа платформа. Од тој момент, започнува и интензивната обука со главен тим кој ќе држи обуки за платформата за сите училишта. Секако дека нема да постигнеме да сите во ист момент имаат еднаков квалитет на знаење за платформата, но ако таа биде едноставна, верувам дека наставниците многу брзо ќе се приспособат на неа и ќе имаме добра настава во 2020/2021“, изјави министерката.

    Царовска денес се сретна со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, како претседател на Заедницата на единици на локална самоуправа ЗЕЛС, и градоначалниците и разговарале за планот на Министерството за образование и наука (МОН) за како ќе се организираат општините за онлајн настава и за физичко присуство за старт на учебната година од 1 октомври.

    „До 10 септември, треба да го известиме Министерството за тоа колку школи ќе почнат со физичко присуство, а колку онлајн. Работиме на условите за непречена онлајн настава, а во овој момент се едуцираат наставнаците за работа на платформата. Часовите за октомври и ноември се снимени и веќе може да се закачат на платформата“, рече Шилегов.

    Царовска кажа дека во планот на МОН се понудени решенија за хронично болните наставници, кои со одлука на Влада се ослободени од работа, и кои ќе може да држат настава онлајн од дома, а доколку треба да предаваат со физичко присуство ќе се вклучи дополнителен кадар.

    „Општините мора да се реорганизираат и наша цел е да покажеме дека и во вакви услови може да имаме успешна настава и сигурна сум дека ќе ги видиме наставниците во ново светло, кои ќе покажат дека и во вакви услови може да им пренесат знаење на учениците. Оние наставници кои ќе работат од дома, овие денови поднесуваат барања до директорите на училиштата и наскоро ќе ја имаме и таа бројка за тоа колку наставници ќе работат од дома“, кажа министерката Царовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира