СÈ ШТО КАЖАЛЕ СОУЧЕСНИЦИТЕ НА ПАЛЕВСКИ ВО УБИСТВАТА НА ВАЊА И НА ПАНЧЕ, СЕ ПОТВРДИЛО ОД МАТЕРИЈАЛНИТЕ ДОКАЗИ, РЕЧЕ БУБЕВСКИ

    СÈ ШТО КАЖАЛЕ СОУЧЕСНИЦИТЕ НА ПАЛЕВСКИ ВО УБИСТВАТА НА ВАЊА И НА ПАНЧЕ, СЕ ПОТВРДИЛО ОД МАТЕРИЈАЛНИТЕ ДОКАЗИ, РЕЧЕ БУБЕВСКИMатеријалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа осомничените, рече Бубевски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски ја расчисти и последната дилема дали можеби се крие убиец и меѓу притворените 5 осомничени за киднапирање, врзување, убиство и закопување на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, како и за киднапирање, убиство и потрупување со земја на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Тоа што го кажале осомничените досега во истрагата, дека избеганиот Љупчо Палевски-Палчо пукал во деветтооделенката Вања и претходно во неговиот пријател Панче, го потврдиле и материјалните докази.

    „Истрагата во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое ви кажав и минатиот пат, а се испитуваат, нормално, материјалните докази. Можам само да ви кажам дека материјалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа осомничените. Толку“, рече денеска Бубевски во Скопје на конференција на Институтот за комуникациски студии за транспарентност на институциите, како единствен начин за да се врати довербата во јавните институции.

    Бубевски доаѓа од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кое беше пионер во отвореноста кон граѓаните за она што овој специфичен орган го работи, па тоа го пренесе и во редовното обвинителство, во случајов на Скопје, град со најголем број кривични дела и истраги. Претходно институцијата ја отвори Сашо Рајчев.

    Палевски избега на 30 ноември, откако ја уби Вања, која мајка ѝ, полицијата и јавноста ја бараа цела недела, без да знаат дека Палевски само што ја киднапирал со сега притворените, на 27 ноември утрото ја убил околу 10 часот. Во притвор се тројцата соучесници во убиството, како и таткото на Вања.

    Палевски е во 40-дневен екстрадиционен притвор во Турција. Министерството за правда со барањето за екстрадиција, ги испратило сите докази до турските власти дека сторител на монструозните кривични дела, меѓу кои и свирепо убиство на дете, е токму тој.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира