СЕ СОМНЕВАМЕ ДЕКА ДЕВОЈЧЕТО ОД ДОМОТ „25 МАЈ“ Е ЖРТВА НА СЕКСУАЛНА ЕКСПЛОАТАЦИЈА, ВЕЛИ МИЛА ЦАРОВСКА

    СЕ СОМНЕВАМЕ ДЕКА ДЕВОЈЧЕТО ОД ДОМОТ „25 МАЈ“ Е ЖРТВА НА СЕКСУАЛНА ЕКСПЛОАТАЦИЈА, ВЕЛИ МИЛА ЦАРОВСКА„Според информациите што ние ги имаме не станува збор за силување, туку за секосуална експлоатација, од надворешно лице“, вели министерката Мила Царовска.

    Министерството за труд и социјална политика информира дека формирале комисија која детално ќе ги испита случајот за 13-годишното девојче, за кое невладината Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) соопшти дека завчера било подложено на абортус откако забременила по сексуално злоставување како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 Мај“.

    Според информациите од невладината организација девојчето од „25 Мај“ исчезнало на први март лани, кога според нејзините тврдења постар маж ја зел од домот и ја однел во друг град каде ја принудувал на сексуални односи и на физичка работа.

    „По 30 дена успеала да избега и да се качи на автобус и да дојде во Скопје, а полицијата ја нашла на Бит пазар. Таа пред мониторот од нашата организација кажа дека сексуално била злоставувана во летен камп во Струга, каде била однесена со други деца од домот, а кога го пријавила злоставувањето згрижувачите од државната институција не ѝ поверувале. Потоа била пренесена во друга заштитна установа ’Ранка Милановиќ‘, каде било утврдено дека е бремена“, стои во информацијата објавена на веб страната на ЕЦПР.

    Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, кажа дека ако комисијата утврди грешка во работата социјалниот работник, кој го водел случајот на девојчето, Министерството ќе покрене дисциплинска постапка и прекршочна пријава и против социјалниот работник и против раководителот на Центарот за социјални работи.

    „Не е точно дека девојчето било злоупотребено додека било згрижено во институцијата. Институцијата во која е сместено е од отворен тип и не може да ѝ се забрани да излезе. Според информациите што ние ги имаме не станува збор за силување, туку за сексуална експлоатација, од надворешно лице. За ова девојче повеќепати интервенирало и Министерството за внатрешни работи, а за секое исчезнување од институцијата во која е згрижено, тоа е воспитно-социјалната установа ’25 Мај‘, установата во рок од 24 часа пријавувала во МВР од каде со потерница е барано“, вели Царовска.

    Таа објасни дека станува збор за девојче од дисфункционално семејство, кое е одземено од родителите 2011 година, кога му е одреден старател од Центарот за социјални работи Скопје.

    „Не е точно дека е одземена од родителите затоа што биле сиромашни, туку затоа што ја принудувале да питачи. Другите дечиња од ова семејство се починати од злоупотреба на дроги. Во период од 2011 година до 2016 година имало обиди девојчето да се смести во згрижувачки семејства и тоа во пет згрижувачки семејства, но не успеало да се прилагоди и потоа е сместено во ’25 Мај‘. Од досието кое е водено во Центарот за социјални работи за ова дете повеќе пати постапувала полицијата. Во изјавите кои ги дало девојчето во секој од случаите кога интервенирала полицијата е дека имала сексуални односи, но еднаш се дека таа сама сакала, потоа дека не се согласила на односи и во случајов во август лани е третирана како жртва на сексуална експлоатација и сместена е во шелтер центарот за жртви на трговија со луѓе. Нашите сомневања се дека и овој пат се работи за тоа“, вели Царовска.

    Таа објасни дека во првиот случај кога е сместено девојчето во шелтер центарот, институциите не успеале да докажат дека се работи за сексуална експлоатација и да се најдат сторителите, а бидејќи немале такви докази девојчето повторно е вратено во установа од отворен тип, односно во „25 Мај“.

    „Сега е сместена во шелтер центарот, со неа ќе работи и психотерапевт, и нашата основна грижа е ова девојче да ги извлечеме од овој круг. Од Министерството има допис до МВР за случајот во кој бараме да го расчисти“, вели Царовска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира