Европската унија го подигнува степенот на борбата против тероризам и насилен екстремизам, против злоупотребата на вештачката интелигенција за мобилизација на луѓе за вршење на овие тешки кривични дела, како и против нивното финансирање во криптовалути. Но, тоа не го прави без државите од Западен Балкан. Македонија е потписничка на новиот Заеднички акциски план за спречување и справување со тероризам и насилен екстремизам за Западен Балкан.
Македонските безбедносни институции, но и Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда – Еуроџаст, ќе добијат многу задачи што треба да ги исполнат, но и многу помош во ЕУ, особено во обуки. Новиот план е на Европската комисија и е во согласност со „Заштити ја ЕУ“ (Protect EU), новата Европска стратегија за внатрешна безбедност.
Националниот координатор за борба против тероризам и насилен екстремизам Павле Трајанов говореше на темата онлајн радикализација, вештачка интелигенција и тероризам на конференцијата за овој европски план која се одржа во Сараево.
„Социјалните мрежи, дигитализацијата, крипто-валутите и вештачката интелигенција, несомнено дека ги јакнат човековите права и слободи, меѓусебната комуникација, позитивните искуства и во целина силно го поттикнуваат вкупниот развој на човештвото, примената на нови искуства и технологии, информирањето и демократскиот развој. Несомнено дека дигитализацијата е клучна за секоја држава, како и примената на вештачката интелигенција, но се појавија злоупотреби и негативни ефекти. Сајбернападите и злоупотребата на социјалните мрежи преку кои се спроведува радикализација, поттикнуваат насилен екстремизам, а сето тоа укажува дека заканите од тероризам се поприсутни и се мултиплицираат. Сите се соочуваме со овие предизвици, посебно со тоа како да се заштитиме од онлајн радикализација, сè поголемата агресивност кај младите и можната злоупотреба на таканаречениот монструм, вештачката интелигенција“, вели Трајанов, кој доаѓа од безбедносните структури, а беше и министер за внатрешни работи.
Тој смета дека во моментов најважни се овие 4 работи: злоупотребата на социјалните мрежи и онлајн-радикализација, со кои се поттикнуваат и регрутираат нови радикали, екстремисти и потенцијални терористи; користењето на вештачката интелигенција во процесот на радикализација, извршување на насилни акти и тероризам; поврзаноста на организираниот криминал и тероризмот (терористичките организации); финансирањето на тероризмот преку криптовалутите.
Трајанов кажува дека пред носењето на овој нов план на Европската комисија, врвни професионалци од службите за безбедност, обвинители и судии, веќе биле на студиски престој и работат со партнерите од Германија и Холандија. Учат за справување со онлајн-радикализам.
Во Македонија за првпат се подготвува и закон за спречување на онлајн-радикализација.
„Врз основа на овие искуства, формиравме работна група која подготвува закон за спречување на онлајн радикализација, како и на кој начин да се следат објавите на социјалните мрежи, како да се отстрануваат и во кои случаи се поведува кривична или друг вид одговорност. Во оваа насока, подготвени се измени и во Законот за кривична постапка и Кривичниот законик“, вели Трајанов за активноста на државата додека стартува новиот акциски план за борба против тероризам и насилен екстремизам, кој несомнено станува мултидржавна работа.
Основа за подготовка на овој закон е Регулативата на ЕУ 2021/184 за терористичка содржина наИнтернет и Законот за дигитални услуги на ЕУ, но ќе се води сметка да не се загрозат основните слободи и права, посебно правото на искажување на став за одделни прашања. Во Агенцијата за национална безбедност ќе се формира специјална единица за откривање и следење на овие содржини, која технички ќе се опреми, ќе користи соодветни платформи, а нејзините активности ќе може да ги користат и другите служби за безбедност.
Во врска со вештачката интелигенција главни прашања се кои се клучните закани што можат да се користат преку вештачката интелигенција; кои се можностите за користење на вештачката интелигенција во борбата за спречување на екстремизмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и генерално против тероризмот; кои етички и други прашања се појавуваат при користење на вештачката интелигенција во борбата против тероризмот; што треба да се направи за успешен закон, но и за ефикасно спротивставување на злоупотребата на вештачката интелигенција.
„Македонија формира и посебно Министерство за дигитализација кое спроведува голем број проекти за дигитализација, заштита од сајбернапади, како и користење заштита од можни злоупотреби на вештачката интелигенција. Информациите потврдуваат дека терористичките групи и други радикални организации се поврзуваат со криминални организации и се обидуваат од овие организации да ангажираат лица за извршување насилни акти (тероризам). Посебен проблем е финансирањето на радикализацијата и насилниот екстремизам, како и извршување на терористички акти со криптовалути, активност која тешко се документира. Во оваа насока, предвидуваме обука на професионалци за следење и превенирање од ваков вид финансирање на тероризмот. За имплементација на оваа обука побаравме експертска поддршка и од САД“, вели Трајанов.
За спроведување на Планот, кој ќе трае најмалку до 2030 година, секоја држава од Западен Балкан ќе треба на Европската комисија да ѝ даде патоказ како палнира да ги спроведува задачите.
С. К. ДЕЛЕВСКА