СЕ СПРЕМА ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ КОИ БЕА ОСУДЕНИ ДЕКА КАКО КОВИД БОЛНИ ИЗЛЕГЛЕ ОД ИЗОЛАЦИЈА ИЛИ ПРЕКРШИЛЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАС, КАФЕАНИТЕ И ТИЕ ШТО ИМААТ ДА ПЛАТАТ НЕМА ДА БИДАТ ОПФАТЕНИ

    СЕ СПРЕМА ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ КОИ БЕА ОСУДЕНИ ДЕКА КАКО КОВИД БОЛНИ ИЗЛЕГЛЕ ОД ИЗОЛАЦИЈА ИЛИ ПРЕКРШИЛЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАС, КАФЕАНИТЕ И ТИЕ ШТО ИМААТ ДА ПЛАТАТ НЕМА ДА БИДАТ ОПФАТЕНИПолицаец проверува возила за време на полициски час во Скопје во јуни 2020 година. (Фото: СДК.МК)

    Група пратеници од власта подготвија закон за амнестија на примателите на социјална помош, кои за време на најсилниот интензитет на пандемијата на коронавирус, биле осудени на парични казни зашто излегле од изолација или прекршиле полициски час.

    Казните беа од две до четири, па и повеќе илјади евра, суми што социјалните случаи ги немаат да ги платат. А замена за затворска казна речиси и да не е изводлива, бидејќи затворите се пренатрупани со сторители на потешки престапи.

    Оваа амнестија, според идејата на пратениците, нема да се однесува за останатите осудени за овие кривични дела, а ни за кафеаните, теретаните и сите други што ги прекршуваа забраните за време на вонредната состојба, за да се спречи масовното ширење на пандемијата која одзеде илјадници животи. Тие ќе мора да си ги платат казните кои ги добија со правосилни судски пресуди.

    Идејата за амнестија на осудените сиромашни луѓе кои биле осудени за ширење на заразата, дошла од Основниот кривичен суд Скопје, каде што имаше најголем број вакви судски случаи, односно казнени платни налози, кои доаѓа од Обвинителството, откако МВР ги фаќаше.

    Една од основните цели за изготвување на овој закон е да се постигне социјален елемент, велат изготвувачите, односно на лицата на кои нивната социјална положба не им дозволува да ја платат казната, таа да им биде заменета со условна осуда.

    Во екот на пандемијата другите предмети не се судеа, но во судовите овие предмети против здравјето и животот на луѓето беа определени како предмети се од итна (нужна) природа по кои мора веднаш да се постапува.

    Како предмети од нужна природа, покрај останатите, беа наведени токму овие кривични предмети за кривичните дела: „Пренесување заразна болест“ – по член 205 од КЗ и „Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ – по член 206 од КЗ, за кои ќе се амнестираат сиромашните граѓани.

    Во периодот од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година, Кривичниот суд врз основа на казнен налог осудил 1.223 лица, сите на парична казна од 123.000 денари.

    Во истиот период, дополнителни 762 казнени налози биле приговарани од страна на обвинетите и за истите судот донел правосилни пресуди, каде санкцијата е парична казна.

    Согласно законските прописи, ако во рок од 2 години паричните казни не се намират, судија за извршување на санкции ги заменува со казна затвор, Кривичниот суд има донесено 280 такви заменски решенија, со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира