СЕ СПРЕМААТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ДА ИМА ПРИМАРНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА И ВО МЕСТАТА БЕЗ МАТИЧНИ ЛЕКАРИ

    СЕ СПРЕМААТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ДА ИМА ПРИМАРНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА И ВО МЕСТАТА БЕЗ МАТИЧНИ ЛЕКАРИВо Општина Ново Село има само двајца матични лекари, па општината мораше да спроведува проект и да набави мобилна амбуланта за да може да се нуди примарна здравствена заштита во оддалечените места. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство, заедно со Здружението на матични лекари, работат на измени на Законот за здравствена заштита, со кои ќе се овозможи да се понудат примарни здравствени услуги и во оние места каде што нема матични лекари.

    Заради немање доволен број пациенти, дел од руралните општини во земјава воопшто немаат матични лекари или пак функционираат со еден до двајца и тоа само во поголемите населени места. Жителите од помалите и ридско-планинските села, за каква било примарна здравствена услуга мора да патуваат и по неколку километри.

    Измените ги најави министерот за здравство Венко Филипче при последната посета во Дојран, запрашан како ќе ги стимулира лекарите од примарното здравство да отворат свои амбуланти и во помалите општини, бидејќи поради немање доволен број осигуреници и неисплатливоста, најчесто се сконцентрирани во поголемите места.

    „Со Здружението на матични лекари разговараме околу измените и дефиниравме дека пациентите треба да се водат на самите ординации а не на матични лекари. Паралелно планираме да дадеме можност, ординациите да се групираат и по систем на ротација да испорачуваат примарни здравствени услуги и во оние места каде што нема матични. Очекувам не повеќе од месец дена да се подготват измените со кои очекуваме да се подигне степенот на покриеност на земјава со примани здравствени услуги“, рече Филипче и додаде дека се дефинираат подрачјата по број на пациенти и покриеност со матични на сметка на Фондот за здравствено осигурување.

    Дека се спремаат измени на законот за здравствена заштита потврди и првиот човек на Здружението на матични лекари Лилјана Чолакова-Дервишова. Таа појасни дека со префрлувањето на пациентите од лекар на ординација, се отвора можноста оние приватни здравствени амбуланти со повеќе лекари да патуваат и во оние места каде нема воопшто матични.

    „Станува збор за предлози кои веќе со години се испорачани до Министерството и Фондот за здравствено осигурување, бидејќи со секоја промена на матичен ние се окупираме за администрација и евиденција околу префрлувањето на пациентите . Со водењето на пациентите на самата приватна здравствена ординација тогаш може да се размислува и да се пушта лекар по систем на ротација и во руралните средини, оти во моментов заради немање доволен број пациенти тешко кој матичен може да оди“, рече Чолакова.

    Во струмичкиот регион во руралните општини Василево Босилово и Ново Село работат само десетина матични лекари иако во истите според последниот попис од 2002 се водат приближно 40 илјади жители. Истите се сконцентрирани претежно во села кои имаат поголем број жители и во близина има други населени места. Најкритично е во Ново Село каде има само двајца матични лекари . Таму општината мораше да спроведува проект и да набави мобилна амбуланта за да може да се нуди примарна здравствена заштита во оддалечените места каде што нема приватни здравствени ординации и матични лекари .

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира