По речиси 40 дена откако Владата ги усвои предлог-измените, денеска пратениците во Собранието со 71 глас „за“ и еден „против“ го донесоа Законот за изменување на Законот за здравствената заштита, со кој се укинуваат економските директори.
Според новите законски одредби, се укинува постоењето на две управувачки позиции – организациски и медицински директор кои досега беа присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите. Од сега натаму, со овие установи ќе раководи само еден директор, кој ќе биде одговорен за организацијата и работењето на установата, како и за законитоста на работењето.
На Клиничкиот центар и во другите болници, вкупно има околу 30 економски директори, за што од буџетот само за плати годишно се трошат нешто повеќе од половина милион евра.
Економските директори во клиниките беа воведени пред 18 години. Во 2006, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори. Тоа беше направено по примерот на менаџирање во банките, па истиот систем се преслика и во јавното здравство – да има еден директор за медицинскиот аспект, и втор за административниот и за финансискиот дел од работата.
Пред да дојде на власт, СДСМ увиде дека тоа е проблем – па во програмата за вонредните парламентарни избори во 2016 напиша дека ќе ги укине економските директори. И тоа со конкретен рок, до 1 декември 2017. Тоа не се случи. Арбен Таравари како министер во 2017 разреши неколку директори, но системот не го укина. Тоа не го направија ни другите министри за здравство во владите на коалицијата СДСМ-ДУИ, затоа што ДУИ одбиваше да се измени законот.
Министерот Таравари на1 јули рече дека за цел Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје ќе има еден медицински и еден економски директор, а не како што е сега, секоја клиника со по двајца директори.
Б. НЕСТОРОСКА