СЕ ВЕШТАЧИ КОМПЈУТЕРОТ НА СИНОТ НА ЈАНЕВА, А ОД ТОЈ НА БОКИ 13 СЕ ИСТРАЖУВА ВМЕШАНОСТ НА ФУНКЦИОНЕРИ СО МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗ

    СЕ ВЕШТАЧИ КОМПЈУТЕРОТ НА СИНОТ НА ЈАНЕВА, А ОД ТОЈ НА БОКИ 13 СЕ ИСТРАЖУВА ВМЕШАНОСТ НА ФУНКЦИОНЕРИ СО МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗПритворениот Боки 13 на 25 септември беше спроведен на увид во доказите против него во Обвинителството за организиран криминал и корупција. (Фото: К. Попов)

    Иако Обвинителството за организиран криминал соопшти дека е завршена истрагата за „Рекет“ во делот за влијание од Катица Јанева врз таа за „Империја“, сепак уште траат вештачења кои најверојатно ќе ги надополнат собраните докази. САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека во МВР се вештачи компјутерот на синот на поранешната специјална обвинителка Јанева, што бил одземен при претресот во неговата канцеларија во 1 ТВ на притворениот Бојан Јовановски-Боки 13.

    Според она што го дознавме, се бара остатокот на парите кои Јовановски ги земал во два наврат од пријавителот на рекетот, Орце Камчев. Јовановски е првоосомничен во „Империја“.

    Според истрагата, над 300.000 евра Јовановски потрошил во Италија, но потрагата по тоа каде точно завршиле земените 1,5 милион евра, продолжува. Истрагата проверува дали дел од тие пари ѝ биле исплаќани на Јанева евентуално преку месечни примања и разни премии на сметката на нејзиниот син, раководител во правната служба на телевизијата на Бојан Јовановски. Мобилниот телефон на синот на Јанева не му бил одземен.

    Паралелно со ова, МВР прави вештачење на компјутерот и на мобилниот телефон на првоосомничениот во „Рекет“ Јовановски. Ова вештачење, велат во истрагата, е битно и за вториот дел, за земањето стотици илјади евра од бизнисмени од страна на Меѓународниот сојуз на Боки 13.

    Од вештачењето на мобилниот телефон и на компјутерот на Јовановски, велат нашите извори, се очекува да се утврди дали високи функционери од актуелната власт се поврзани со прелажувањето на бизнисмени да уплаќаат скоро милион евра за изградба на старечки домови, кои никогаш не се изградија, а парите ги нема. Досега е утврдено дека за наводна изградба Меѓународниот сојуз успеал да извлече еден милион евра од двајца сопственици на компании.

    Почесен претседател таму беше пратеничката од СДСМ  и потпретседателка на Собранието Фросина Ташевска-Ременски и вештачењето и изјавите на сведоците и оштетените треба да покажат дали таа знаела за измамите на Сојузот и молчела, или воопшто немала врска што се случува. Се бара одговор и за евентуалната поврзаност на пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски со измамите, како и на други лица кои досега не се споменати во јавноста.

    Без овие вештачења, со досегашните докази истрагата не може да поврзе вмешаност на функционери во измамите на Јовановски за наводната изградба на домови за стари лица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира