СЕ ВИДОВ СО ПРЕЖИВЕАНИТЕ, ВО ШОК СЕ, ЗА ДРУГИ ОКОЛНОСТИ ОКОЛУ НЕСРЕЌАТА ИЗЈАВИ ЌЕ ДАВААТ БУГАРСКИТЕ КОЛЕГИ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА

    СЕ ВИДОВ СО ПРЕЖИВЕАНИТЕ, ВО ШОК СЕ, ЗА ДРУГИ ОКОЛНОСТИ ОКОЛУ НЕСРЕЌАТА ИЗЈАВИ ЌЕ ДАВААТ БУГАРСКИТЕ КОЛЕГИ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА„Тешко беше да се гледаат тие луѓе, јас немам зборови. Мајка изгубила ќерка во несреќата, до неа преживеан кој го загубил целото семејство“, вели Русковска. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која се враќа од Бугарија, вели дека од целата несреќа и тага денеска најтешкиот момент го доживеала во болницата, каде што се сместени единствените седум преживеаните патници од вкупно 52 во автобусот што изгоре изутрина во Бугарија.

    Таа вели дека нашето обвинителство нема да дава и ќе се воздржува од изјави околу одговорност за несреќата, сè додека први соопштение не дадат нивните колеги од бугарското обвинителство. Обвинителството веќе прибира прибира документација за бугарското обвинителство и чека замолница од него за да може да врши паралелни акивности, во интерес на истрагата што се води таму.

    „Затоа, јас на прашањата околу причините за несреќата, за тоа дали автобусите на ‘Беса транс’ биле редовно сервисирани, дали навистина во автобусот, што изгоре и што буквално се стопи, навистина биле превезувани канистри со нафта и за други детали што ме прашува вашата редакција и воопшто јавноста, нема да дадам ни потврден одговор, ни ќе негирам“, изјави Русковска за САКАМДАКАЖАМ.

    Таа во посета на преживеаните била со Државниот обвинител Љубомир Јовески.

    „Преживеаните ги затекнавме свесни, но во шок. Се претставивме дека сме од Македонија, пробавме да поразговаравме. Едниот преживеан кажа дека автобусот удрил првин со десната страна во банкината, па потоа во левата. Потоа во секунда избил пожар. Токму тој го скршил стаклото и така се спасиле 7 души“, кажува Русковска за САКАМДАКАЖАМ.МК  .

    Човекот што го скршил стаклото се спасил, но член од семејството со кого биле во Истанбул, не успеал да излезе. Изгорел.

    Меѓу преживеаните, во шок и траума лежела во болницата жена која во тешката сообраќајна несреќа ја изгубила својата ќерка.

    „Тешко беше да се гледаат тие луѓе, јас немам зборови. Трет преживеан го загубил целото семејство во несреќата. ‘Сакам кај моите да си одам’, зборуваше тој. Тажно!“, кажува Русковска.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира