СЕ ВРШИ ОБДУКЦИЈА НА ТЕЛАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ПАТНИЦИ ВО АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ СОЛУНСКА ГЛАВА

    СЕ ВРШИ ОБДУКЦИЈА НА ТЕЛАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ПАТНИЦИ ВО АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ СОЛУНСКА ГЛАВАДвајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје од утрово се на увид во реонот на планината Јакупица каде што вчера се урна авион од типот „цесна“ со четворица патници. - Од увидот на урнатиот авион (Фото: МВР)

    Се прави обдукција и идентификација на телата на загинатите патници во авионската нереќа кај Солунска Глава на Институтот за судска медицина.

    „Телата се донесени, увидот на местото на несреќата уште трае.  Подигнати се четири тела, ќе се прави обдукција и процес на идентификација”, вели директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков.

    Двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје од утрово се на увид во реонот на планината Јакупица каде што вчера се урна авион од типот „цесна“ со четворица патници. Од Обвинителството велат дека увидот се врши заедно со екипи на Министерството за внатрешни работи, судска медицина и други релевантни институции за утврдување на причините за авионската несреќа.

    „Местото на кое паднал авионот се наоѓа на исклучително непристапен терен и во моментот не постојат услови за извлекување на леталото. Локацијата е целосно обележана, а експерти од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР и од Комитетот за истражување воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ќе ги вештачат остатоците од авионот, со цел да се утврдат причините за авионската несреќа“, велат од обвинителството.

    Авионот од типот „цесна“, во кој беа четири бугарски државјани мајка, татко и две деца вчера околку 16.15 часот се урна кај Солунска Глава. Како што објавија бугарските медиуми, станува збор за семејството на 49-годишниот Георги Бошнаков, сопственик на фирма за рециклирање отпад.

    Авионот полетал од охридскиот аеродром за Софија. Поради лошите временски услови побарал да слета на Скопскиот аеродром, но потоа се премислил и го продолжил летот кон Софија. Во 16.15 часот на 26 километри јужно од Скопје, се губи од радарот. Пред да се изгуби од радарот последната комуникација со пилотот била: „Јака турбуленција“.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира