Забрана за посети на пациентите во болниците за да се спречи ширење на грипот во болнички услови и строго да се почитува куќниот ред во здравствените установи, се дел од превентивните мерки кои ги донесе Министерството за здравство по препорака на Комисијата за заразни болести. Во препораките се наведува дека треба да се носат заштитни маски, да се врши дезинфекција на раце и да се одржува физичка дистанца, каде е возможно.
Министерството за здравство ги задолжува сите јавни здравствени установи да ги почитуваат мерките.
„Мерките се од исклучителна важност за здравјето на пациентите и здравствените работници, согласно актуелните епидемиолошки податоци кои укажуваат на пик на сезонскиот грип. Комисијата за заразни болести продолжува да ја следи епидемиолошката состојба во државата“, вели Министерството за здравство.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје – Скопје, од 3 до 9 февруари 2025 година во земјава се пријавени 2.880 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 5,1 отсто помалку во споредба со претходната недела.
Од пријавените, 1.552 лица се на возраст од 15-64 години, 685 кај деца на возраст од пет до 14 години, 371 кај деца на возраст од 0-4 години и 272 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Во Скопје се пријавени 692 заболени, во Струмица – 333, во Битола – 304, во Свети Николе – 158, во Охрид – 141, во Велес – 140, во Радовиш – 122, а во Кавадарци и во Куманово по 109 заболени.