ВЛАДАТА ЗАБРАНИ ЖУРКИ ВО СОЊЕ, СОПИШТЕ И НА ВОДНО, ОД УТРЕ ЌЕ СЕ РАЗБИВААТ ГРУПИ НАД 5 ЛИЦА И ВО ПАРКОВИТЕ

    ВЛАДАТА ЗАБРАНИ ЖУРКИ ВО СОЊЕ, СОПИШТЕ И НА ВОДНО, ОД УТРЕ ЌЕ СЕ РАЗБИВААТ ГРУПИ НАД 5 ЛИЦА И ВО ПАРКОВИТЕВладата усвои и одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата на вечерашната седница усвои нови мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот.

    • Се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден. За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи, со патролни возила да го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“.
    • Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. За оваа цел, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.
    • Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена. За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи доколку е потребно ова правно да го нормира во Уредба со законска сила.
    • Се препорачува на сите работодавачи во Република Северна Македонија, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата. Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.
    • Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.
    • Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.

    На седницата, Владата донесе и одлука за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица или наполица.

    „Ограничувањето на извозот од член 1 на оваа одлука ќе се применува до 30 април 2020 година, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа. Оваа одлука е усвоена со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата, и да се обезбедат доволни количини на брашно во земјата во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО и во услови на ограничен увоз на брашно поради донесената одлука за забрана на извоз на брашно и други производи од Република Србија во времетраење од 30 дена, кое завршува до средината на април 2020“, соопшти Владата.

    Владата усвои и одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале на 11 март 2020 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира