СЕДЕТЕ ДОМА ЗА ДА ГИ ЗАШТИТИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ, НИ ТРЕБААТ И ЌЕ НИ ТРЕБААТ И ВО ИДНИНА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    СЕДЕТЕ ДОМА ЗА ДА ГИ ЗАШТИТИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ, НИ ТРЕБААТ И ЌЕ НИ ТРЕБААТ И ВО ИДНИНА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕТрудот на лекарите е од непроценливо значење,вели Филипче.Во земјава има вкупно 31 лице заразено со коронавирус, а над 300 се во изолација. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за здравство Венко Филипче уште еднаш ги повика граѓаните строго да ја почитуваат препораката „Седете дома!“ за да можат да учествуваат во забавување на ширењето на коронавирусот и така, штитејќи се себе и блиските да ги заштитат и здравствените работници кои се најизложени на ризик од зараза.

    Попладнево беше потврдено дека двајца лекари и две медицински сестри од Дебар се позитивни на коронавирусот. Заразените медицински лица работат во приватна амбуланта сместена во болницата во Дебар и за време на кризава помагале во скринингот и домашните посети.  Двајца доктори од Клиниката за пулмологија во Скопје од утре ќе одат да го пополнат капацитетот во болницата во Дебар, каде веќе има епидемиолог и тројца инфектолози.

    Бројката на вкупно заболени се искачи на 31, од кои пет се медицински лица, па министерот Филипче објасни зошто граѓаните со седењето дома треба да помогнат здравствениот систем да може да одговори на епидемијата.

    „Најважно е пикот на болеста да не дојде нагло. Секоја епидемија има своја крива и колку е поблага, а со овие мерки, согласно искуствата од другите земји, очекуваме да биде многу блага кривата и очекуваме здравствениот систем тоа да го прифати, аморитизира за да не дојдеме во ситуација во која оптеретеноста на  здравствениот систем може да даде дополнителни проблеми и компликации во лекувањето на здравствените работници. Колку пикот дојде поостро, понагло како што се случи во некои земји, толку поголеми проблеми прави на здравствениот систем“, кажа Филипче.

    Министерот Филипче, кој е специјалист неврохирург рече дека од самиот почеток на појавата на вирусот зборува за важноста на здравствените работници.

    „Ние сме целосно свесни дека здравствените работници се најекспонирани и за време на работа, и надвор од здравствените установи, но мора да правиме сѐ за да ги заштитиме. Мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за ниту еден кој нема да се придржува до мерките кои се донесени како одлуки на Владата. Мора да се почитуваат мерките за доброто на јавното здравје, за доброто на здравствените работници, затоа што тие требаат сега, како што требале и ќе требаат во иднина кога овие моменти ќе бидат далечно минато. Тие здравствени работници имаат семејства, се грижат за нив, работат макотрпно и пожртвувано, се жртвувале во текот на животот, се едуцирале за да помагаат на нашите сограѓани“, рече Филипче.

    Тој им се обрати и на колегите здравствени работници со  порака дека  нивниот труд, напорот и улогата е непроценлива, а на граѓаните уште еднаш им порача да седат дома.

    На новинарско прашање дали планира да ги награди здравствените работници за ангажманот во оваа криза тој одгоовори: „Здравствените работници, оние кои со години работат и младите кои се примени во изминатите две години, и воопшто сите во овој систем работат пожртвувано и не прифаќаат популистички мерки“.

    „Тие пожртвувано работат и се борат за животите на граѓаните, а платите од овој месеци и им се зголемени, и се движат од 85 илјади до 160 илјади на Клиничкиот центар“, додаде Филипче.

    Министерството претходно објави дека се позитивни  двајца доктори и две медицински сестри од Дебар, како и сопругата на веќе дијагностицираниот пациент од Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира