СЕДУМ НОВОЗАБОЛЕНИ ДЕЦА СО МАЛИ СИПАНИЦИ ВО СКОПЈЕ, ДОСЕГА ВАКЦИНИРАНИ 1.692 ДЕЦА

    СЕДУМ НОВОЗАБОЛЕНИ ДЕЦА СО МАЛИ СИПАНИЦИ ВО СКОПЈЕ, ДОСЕГА ВАКЦИНИРАНИ 1.692 ДЕЦАЗа да ги увери родителите дека вакцините се квалитетни и безбедни министерот за здравство Венко Филипче денес на неговата Фејсбук страница објави дека ја вакцинирале и неговата внука Илина (Фото: Фејсбук)

    На Клиниката за инфективни болести во Скопје синоќа биле примени нови седум деца заболени од мали сипаници, соопшти Министерството за здравство.

    „Сите деца се на возраст од две години и сите се од населбата Ново Лисиче од Скопје и ја посетувале градинката ’Сонце‘. За сите нови пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Досега од оваа градинка се заболени вкупно осум деца и сите биле невакцинирани со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит). Во оваа група во градинката имало вкупно 28 деца и сите биле невакцинирани“, велат од Министерството за здравство.

    Од 16 декември до денес на Клиниката за инфективни болести вкупно биле хоспитализирани 22 лица, од кои 13 се сè уште во болница, а останатите девет се на домашно лекување.

    „Најмладиот пациент е бебе од осум месеци, а најстариот има 33 години. Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче во Општина Аеродром, односно вкупно 9 деца. На Клиниката за инфективни болести, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои имало сомнеж или било потврдено дека се заболени од морбили. Осум од нив биле со полесна клиничка слика и се пуштени на домашно лекување“, велат од Министерството за здравство.

    Од почетокот на епидемијата на мали сипаници, која беше прогласена на втори јануари годинава досега во вакциналните пунктови во Скопје се вакцинирани 1.692 деца.

    „Денес до 13 часот вакцинирани се 85 деца. Уште еднаш повикуваме родителите да ги вакцинираат децата. Вакцините се со добар квалитет, со добар рок на траење и се од европски производител“, велат од Министерството за здравство.

    Епидемијата на мали сипаници според здравствените власти се должи на намалениот опфат на вакцинирани деца, што пак е резултат од повеќегодишна антивакцинална кампања која се прелеа и кај нас. Со прогласување на епидемијата Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе решенија со кои им се забранува на градинките да примаат невакцинирани деца со вакцината МРП.

    По пријава од граѓани дека во дел од вакциналните пунктови има вакцини со изминат рок министерот за здравство Венко Филипче за време на празниците побара да се направи вонреден надзор, при што кај помалку од еден отсто од вакцините беа најдени такви кај кои од дистрибутерот „Македонијалек“ биле ставени налепници со погрешен датум, а провреката на вакцините покажала дека тие се со важечки рок до мај и јули годинава. Тој најави дека детално ќе се испита овој пропуст, а по направените контроли со Агенцијата за лекови неколку пати нагласи дека вакцините се безбедни и со важечки рок на траење. Повеќе пати ги повика родителите да ги вакцинираат децата како единствен начин да се превенира ширње на ова високо заразно заболување.

    На неговата Фејсбук страна утрово беше објавена фотографија со неговата внука Илина како прима вакцина во еден од вакциналните пунктови.

    „Единствено добро што родителите можат да направат за своите деца е да им овозможат добро здравје, грижа и многу љубов. Утрово во амбулантата ’Млин Балкан‘ ја вакциниравме мојата внука Илина. Вакцините се безбедни, ефикасни и нè заштитуваат од разни болести“, беше објавено на Фејсбук профилот на министерот Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира