СЕГА Е МОМЕНТОТ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДА ПОКАЖЕ ПОСВЕТЕНОСТ НА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО, ВЕЛАТ САД И ЕУ

    СЕГА Е МОМЕНТОТ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДА ПОКАЖЕ ПОСВЕТЕНОСТ НА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО, ВЕЛАТ САД И ЕУАмериканската амбасадорка Кејт Брнс со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Владата за време на посетата на в.д. помошникот на државниот секретар Филип Рикер на 26 јули. (Фото: К. Попов)

    Американската амбасадорка Кејт Брнс се надоврза на пораката на еврокомесарот Јоханес Хан за случајот „Рекет“ и вели дека станува збор за сериозни обвинувања што бараат сериозен одговор, како и дека сега е моментот Северна Македонија да покаже посветеност на владеење на правото.

    „Како што кажавме претходно, ова се сериозни обвинувања што бараат сериозен одговор што ќе биде темелен, транспарентен и навремен. Сега е моментот Северна Македонија да покаже посветеност на владеење на правото“, твитна Брнс.

    Хан претходно кажа дека сите криминали мора да бидат истражени од надлежните, ослободени од секакви влијанија, и престапниците да бидат изнесени пред лицето на правдата.

    „Борбата против високата корупција мора да продолжи непречено. Во врска со најновите откритија важно е да се воспостави правна одговорност за сите криминали, вклучувајќи ги и оние што произлегуваат или се поврзани со нелегално прислушуваните материјали. Никој не е над законот и не смее да има неказнивост. Сите криминали мора да бидат истражени од надлежните, ослободени од секакви влијанија, и престапниците да бидат изнесени пред лицето на правдата“, напиша Хан на Твитер.

    Минатата недела, во интервју за Гласот на Америка на српски јазик, заменик помошникот на државниот секретар Метју Палмер за случајот „Рекет“ кажа дека САД поддржуваат целосна, темелна и транспарентна истрага на овие обвинувања и ако има докази и соодветно обвинение.

    САД и ЕУ помогнаа да се формира Специјалното јавно обвинителство, посредувајќи да се постигне Пржинскиот договор, потпишан од Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи. Специјалната обвинителка Катица Јанева беше заеднички предлог на потписниците на Пржинскиот договор.

    Денеска на сослушување во Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да дојде обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја“, во која осомничен е Орце Камчев, сега сведок-жртва во случајот „Рекет“. Следна на сослушување ќе биде повикана и Јанева. И двете обвинителки се споменуваат во разговорите на Бојан Јовановски – Боки 13, осомничен во „Рекет“, и Камчев, а на Јанева и се слуша и гласот. Снимени разговори меѓу Боки 13 и Камчев, како и видеоснимка од домот на Камчев три дена по ред објавуваше италијанскиот весник „Ла Верита“.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари