СЕКОЕ ВТОРО ДЕТЕ ВО МАКЕДОНИЈА Е ТЕПАНО

    СЕКОЕ ВТОРО ДЕТЕ ВО МАКЕДОНИЈА Е ТЕПАНО„ЕУ реши преку УНИЦЕФ да го финансира регионалниот проект за Западен Балкан и Турција, со кој треба да се зајакнат капацитетите на јавните институции во земјава, кои треба да ја пружат потребната заштита на децата“, рече Никола Бертолини од секторот за соработка на ЕУ на промоцијата на студијата за насилството врз децата во земјава. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Едно од две деца во Македонија е физички казнувано, а 30 отсто од учениците во земјава кажале дека дома биле запоставени, кажа Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава, на промоцијата на студијата за насилството врз децата во земјава, што ја изработи Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство со финансиска поддршка од ЕУ и УНИЦЕФ.

    Според ова истражување, во земјите од Западен Балкан секое трето дете е физички казнувано, што значи дека во Македонија стапката на примена на насилство врз децата е највисока.

    „Ова е глобален проблем, го гледаме насекаде околу нас, освен во оние земји кои работат на справување со него. Шведска секаде ја спомнуваме како пример дека има најниско ниво на насилство, но пред да почнат со програмите за заштита во 1979 година нивните бројки за насилство врз децата исто така биле вака високи. Физичкото и емоционалното насилство, запоставувањето на децата во дисфункционалните семејства, влијае на развојот на нивниот мозок, но и на целокупниот физички развој. Тоа ја намалува нивната способност за учење и тие подоцна ќе имаат полоши резултати, отколку децата што доаѓаат од грижливите семејства. Животниот век пак на возрасните кои како деца живееле во семејства каде се применува насилство, според проценките е намален за 20 години“, рече Перкс.

    Тој кажа дека економските проценки за трошоците од слабите резултати на возрасните предизвикани од лошите искуства во детството се 8 отсто од бруто домашниот производ на глобално ниво, или 7 илјади милијарди долари.

    Никола Бертолини, од секторот за соработка на ЕУ, кажа дека во последниот извештај за земјава Европската унија го нотирала дека институциите кои треба да ги заштитат децата од насилство во земјава имаат мал капацитет и дека во многу малку случаи навистина е помогнато на жртвите на насилство.

    „Затоа ЕУ реши преку УНИЦЕФ да го финансира регионалниот проект за Западен Балкан и Турција, со кој треба да се зајакнат капацитетите на јавните институции во земјава, кои треба да ја пружат потребната заштита на децата“, рече Бертолини.

    Еден од главните наоди на студијата е дека физичкото и емоционалното насилство почесто се случува во рамки на системот за заштита на децата отколку надвор од него. Според ова истражување една четвртина од наставниците под насилство подразбираат само тешко физичко насилство врз децата, додека емоционалното и полесното физичко насилство не го препознаваат како проблем. Според студијата децата освен во семејството, често се соочуваат со вербално и физичко насилство и во училиштата.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека од 976 жртви на семејно насилство во 903 кривични дела регистрирани лани поврзани со семејно насилство, две третини се деца. Според него студијата може да биде патоказ кои мерки треба да се преземат од надлежните државни органи со меѓусекторска соработка за да се намали и елиминира насилството врз децата.

    Обука на лекарите да препознаат симптоми кај жртвите на насилство, најави министерот за здравство Венко Филипче, кој кажа дека дел од здравствените работници немаат капацитет да ги препознаат овие симптоми и дека и во случаи кога има видливи повреди од насилство не реагираат и случаите не ги пријавуваат.

    „Во зависност од карактерот на детето може да се случи насилството да нема никакво влијание на него, но тоа се многу ретки исклучоци. Во огромен број случаи насилството предизвикува постресно растројство, депресија, па дури и самоубиствени идеи. Постојат медицински упатства, како да е следат овие симптоми кај децата, кои може да се појават долго по преживеаното насилство“, кажа Филипче.

    Рената Дескоска, министерка за образование, кажа дека за жал последните неколку недели регистрирани се повеќе случаи на насилство во училиштата, како меѓу самите ученици, така и од наставниците врз учениците. Според неа многу поголем штета е нанесена во случаите кога насилството е од наставниците кон учениците.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира