Бугарскиот историчар и универзитетски професор Трендафил Митев тврди дека секоја десетта госпоѓа во Скопје е со српско потекло и овие жени ги воспитуваат децата да ја мразат Бугарија, во неговата анализа зошто македонските власти одбиваат да ги прифатат условите на Бугарија за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Трендафил Митев е член и долгогодишен претседател на здружението Македонски научен институт од Софија за кој дел од бугарските медиуми пред неколку дена објавија дека е финансиски поддржан од буџетот на државата по влијание на владејачката ВМРО-БНД на вицепремиерот Красимир Каракачанов.
„Гласините говорат дека секоја десетта госпоѓа во Скопје е со српско потекло. Навлезени по линија на браковите, овие жени создаваат внатрешни-семејна атмосфера и воспитание, кои што секогаш имале за цел конфронтација со Бугарија и блискост со Србија“, вели Митев, кој е доктор по историски науки.
Понатаму во анализата, Митев тврди дека во селото Мусомиште, група маргиналци, со пари од Скопје, се претставуваат како македонисти, создавајќи основа да се зборува за македонско малцинство во Бугарија. Станува збор за село во близина на градот Гоце Делчев, каде што Македонците организираа прослави на Илинденското востание.
Бугарскиот историчар вели дека во Македонија има илјадници Бугари, кои и покрај репресиите го задржале своето национално самоопределување, а над 110.000 од нив дури земале и бугарски пасоши врз основа на докази, со оригинални документи, за своето национално потекло.
Митев зборува и за „една шепа одродени соросоиди од Бугарија, кои организираат настапи со своите творби во Скопје, со навреди кон својот народ и татковината Бугарија“.