Претседателот на Собранието Талат Џафери сведочеше денеска во Основниот суд Скопје 1 за обидот за обиство на Зијадин Села на 27 април лани во парламентот, за што се обвинети 10 лица, кои се во притвор.
„На 27 април дел од граѓаните влегоа во прес салата и веднаш почнаа да маваат. Дел од пратениците направија кордон и ми рекоа да одам зад нив. Кордонот го направија: Зоран Заев, Оливер Спасовски, Горан Мисовски, Реџаил Исмаили, Александар Кирацовски, Дамјан Манчевски. Не бев удрен, зашто бев заштитен. Целата опрема од прес салата беше откорната и фрлана кон нас“, го почна сведочењето спикерот Џафери.
Рече дека лево од него биле пратениците Весел Мемеди и Сурија Рашити, а зад нив Зијадин Села.
„Ќе ве убиеме сите! Нема да излезете од тука!“, извикувала толпата.
Вербално се обраќаа кон Заев, Села и Шеќеринска, се сеќава Џафери.
„Додека зборував кратко на мобилниот со фамилијата, Села го снема. Не беше до мене. Во салата не забележав видливи повреди кај Села. Помислив обезбедувањето го извлекло. Но, набргу некој од напаѓачите рече: Со Села завршивме, редот е на вас. Сите ќе потпишете изјави дека нема да го прифатите новото парламентарно мнозинство!“, рече сведокот.
Се сеќавам, одговори Џафери, на ликовите што влегоа и фрлаа предмети, тоа не се заборава.
„Лица со фантомки имаше, беа меѓу првите што влегоа во прес-салата. Имаше и без фантомки. Лицата со фантомки носеа и торбички со себе. Подоцна кога не евакуираа кај пратеникот Влатко Ѓорчев, од тогашниот пратеник Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ дознавме дека Села и Шеќеринска се тешко повредени. Го најдоа Села на третиот кат, не известија дека го евакуирале. Го посетив Села во Клинички центар, беше во критична состојба. Не знаев Шеќеринска каде е“, одговараше Џафери на прашања од обвинителот и од одбраната.
На ред се сведоците Дамјан Манчевски и Александар Кирацовски.
С. К. ДЕЛЕВСКА