Националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова, вели дека семејствата на починатите донори на органи се нашите херои на денешницата, откако на Клиниката за урологија 35-годишна девојка доби бубрег од 43-годишен пациент со мозочна смрт, а во тек е трансплантација на другиот бубрег.
По дијагностицирана мозочна смрт на 43-годишникот, Комисијата за трансплантација назначена од Министерството за здравство, побарала согласност од семејството за донирање органи на настраданиот, кој имал тешки повреди на мозокот.
„Со сето срце, без размислување и покрај тагата за својот близок се согласија да даруваат органи. Секогаш изразувам голема благодарност до овие луѓе кои и покрај шокот од ненадејната смрт на блискиот, имаа доблест и неизмерна љубов да спасат животи на луѓе што не ги знаат. Тоа се нашите херои на денешницата“, вели д-р Мојсова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Таа вели дека била утврдена можност да се донираат два бубрега, како и срцето. Едниот бубрег веќе го прими 35-годишна пациентка, а во тек е трансплантација на вториот бубрег на 62-годишен пациент, кој е и слеп.
„За жал, не успеавме да го трансплантираме и срцето иако имаше соодветни приматели на листата на чекање. Тие едноставно не беа психички спремни за ваква сложена интервенција“, вели д-р Мојсова.
Покрај семејството на донорот, таа им се заблагодарува и на нејзините колеги, екипите од Урологија, Нефрологија, Трансфузиологија и КАРИЛ.
М. ИЛИОСКИ