СЕМЕЈСТВАТА НА ЖРТВИТЕ ВО КОЧАНИ СЕ ОСТАВЕНИ САМИ, ПАРТИИТЕ СЕ ГРИЖАТ САМО ЗА СВОЈОТ ПАРТИСКО-ПОЛИТИЧКИ СПОКОЈ, РЕКОА ОД „КОЈ Е СЛЕДЕН?“ ВО АКЦИЈАТА ПРЕД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    СЕМЕЈСТВАТА НА ЖРТВИТЕ ВО КОЧАНИ СЕ ОСТАВЕНИ САМИ, ПАРТИИТЕ СЕ ГРИЖАТ САМО ЗА СВОЈОТ ПАРТИСКО-ПОЛИТИЧКИ СПОКОЈ, РЕКОА ОД „КОЈ Е СЛЕДЕН?“ ВО АКЦИЈАТА ПРЕД ОБВИНИТЕЛСТВОТОПред седиштето на Обвинителството поставија транспарент на кој се испишани имињата на жртви од повеќе несреќи во Македонија, а во вид на човечка силуета е оставен простор за поминување.(Фото: К. Попов)

    Граѓанската иницијатива „Кој е следен?” денеска го одбележа вториот месец од пожарот со 62 жртви во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, со герила акција пред Јавното обвинителство во Скопје. Пред седиштето на Обвинителството поставија транспарент на кој се испишани имињата на жртви од повеќе несреќи во Македонија, а во вид на човечка силуета е оставен простор за поминување.

    „Денес сме тука да ве потсетиме дека поминаа два месеци од најголемата трагедија во нашата историја, најголемата трагедија која се случи пред наши очи. Зад бројките стојат човечки животи, а зад секој живот празно столче на трпезата и болка на која ѝ нема крај. Во овие два месеца, хуманоста исчезна. Партиите се впуштија во препукувања, пратеници си земаа одмор, а медиумите на системот направија сѐ за да ги демонизираат оние кои бараат правда. Семејствата на загинатите и повредените беа оставени сами, во прегратките на тишината. Системот секојдневно не повикуваше да не зборуваме, да не бараме правда. Ни порача: не ги вознемирувајте семејствата. Но тие никогаш не се грижеа за спокојот на семејствата. Тие беа загрижени за нивниот спокој, за нивниот партиско-политички спокој и сакаа да ја прифатиме амнезијата како нова национална доблест. Хуманоста е нашето последно прибежиште, кое системот се обиде да го присвои и проба да нѐ убеди дека се менува. Системот не е хуман, хуманоста не е нивна, херојството не е нивно. Денес во ниво име зборува ‘Кој е следен?’, но важна е пораката која ја испраќаме, а не од кого доаѓа. Да не дозволиме болката да стане навика“, рече претставничка на „Кој е следен?“ и додаде дека нема да се помират со ова секојдневие, туку ќе има отпор против системот.

    Од иницијативата најавија дека утре ќе одат во Кочани за поддршка на „Маршот на Ангелите“, закажан за во 16.05 часот на градскиот плоштад, што секоја сабота го изведуваат семејствата на починатите и повредените во кочанската дива дискотека. „Кој е следен“ нуди и организиран превоз од Скопје за Кочани, од 12 часот на паркингот меѓу С. Ц. „Јане Сандански“ и „Хилтон“. Повикаа и на донирање за повредените преку страната на Супорт Кочани.

    Министерството за здравство денеска соопшти дека уште четворица повредени во пожарот се враќаат од странство, од Софија и Белград, и ќе бидат задржани под опсервација на Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“. Во странските медицински центри ќе останат на лекување уште 11 повредени, а сите се во стабилна состојба.

    „Специјалисти од Клиниката за пластична хирургија повеќепати во неделата редовно одат во Опшатат болница Кочани и вршат преглед, преврски и тријажа на повредените пациенти, а воедно и специјалисти по физикална медицина и специјалисти од психијатрија се вклучени во третманот на лицата со изгореници. Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација“, вели Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира