Лепенки од Шарената револуција вечерва излепија неколку пратеници од СДСМ на говорницата во собраниската сала „Борис Трајковски“, откако ги фатија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ како носат закони без нив.
Пратениците од владејачкото мнозинство, искористувајќи го отсуството на пратениците на СДСМ попладнево закажале седница на Комисијата за образование за да расправаат за законот за основање на нов државен универзитет „Дамјан Груев“. Расправата за овој универзитет беше прекината кога Собранието се распушти на 6 април. СДСМ имаше поднесено илјадници амандмани на предлог законот. Таа Комисија до пред распушањето имаше 13 продолженија на седницата. На два пати за влакно беше избегната и физичка пресметка.
Во исто време пратениците што се членови на Законодавно правната комисија чекале спремно во Собранието за да може да одглумат дека се е согласно законот.
Кога пратениците на СДСМ дознале за ова сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, влегле во салата „Борис Трајковски“. Пратеничката Софија Куновска побарала процедурална забелешка, но претседателката на Комисијата за образование Олга Најденовска, не и дала да се обрати. Тогаш почнале караници и надвикувања, по што била дадена десетминутна пауза.
Кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја напуштиле салата, пратениците на СДСМ ја излепиле собраниската говорница со лепенки од Шарената револуција.