Специјалните единици за боење на Шарената револуција вечерва упаднаа во фонтаната Воин на коњ и одблизу со детски водени пиштоли и пушки го обоија столбот на Александар Велики и лавовите на плоштадот Македонија во Скопје. Тоа го правеа додека во Скопје врнеше силен дожд и удираа громови, а насобраните граѓани со аплауз го охрабрија овој напад на Шарената револуција.
Пред тоа со маици на кои им беа испишани иницијалите, исто како што им стојат во полицискиот билтен поради поднесените кривични пријави, “командосите“ на „Шарената револуција“ и денеска со два чатала ја гаѓаа зградата на Владата.
Мотото на денешниот протест беше „Кривиот пишува кривични“, поради кривичните пријави против учесници во протестите во Скопје и во Битола.
Дваесет и шест учесници на демонстрациите на Шарената револуција во Битола и седум демонстранти во Скопје добија кривични пријави од полицијата поради „основан сомнеж дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело“, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Кривичните пријави се боење на општинската зграда во Битола, за фасадата на Министерството за култура во скопско Дебар маало, за кој МВР вели дека е објект од значајно културно наследство и за боење на Порта Македонија за кој полицијата тврди дека е „објект – недвижно културно наследство“.