„Со оваа власт одиме во пропаст“ е мотото на вечерашниот протест на Шарената револуција. Оваа парола е испишана на главниот транспарент, на кој се закачени кукли со маските на Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески облечени во затвореничка облека. Демонстрантите од движењето Протестирам и Шарената револуција од зборното место пред СЈО се упатија кон Владата.
На почетокот, беа запалени фотографии од Груевски, Иванов, Вељаноски, Чавков и актерката Јелена Жугиќ, а демонстранти ги потурија куклите со ликовите на аболицираните со кафе, за да „им тече од ногавици“.
Во најават за протестот на социјалните мрежи на Протестирам беше наведено:
„Нема да дозволиме ни да избегаат со украденото, а уште помалку да останат во земјата несоочени со правда. Нема да дозволиме повторно заташкување на ситуацијата и губење на уште една година во реформи од типот „едно напред, три назад“.
Забавата „Информативен разговор“ закажана за утревечер пред полициската станица „Беко“ се преместува за во сабота, информираа организаторите. Предвидено е забавата да започне во 20 часот, а најавен е и музички перформанс Како што пишува во информацијата испратена до Министерството за внатрешни работи, целта на забавата е министерот Митко Чавков да може да ги праша учесниците на Шарената револуција сѐ што го интересира.
Забавата доаѓа откако двајца лидери и активистка на Хелсиншкиот комитет и учесници во Шарената револуција беа повикани на информативни разговори во полициската станица „Беко“ затоа што со боја фрлале кон институциите и спомениците и беа казнети со по 50 евра.