ШЕКЕРИНСКА НЕМА ПАК ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СДСМ, ВЕЛИ ДЕКА НА ПАРТИЈАТА Ѝ ТРЕБААТ НОВИ КАДРИ

    ШЕКЕРИНСКА НЕМА ПАК ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СДСМ, ВЕЛИ ДЕКА НА ПАРТИЈАТА Ѝ ТРЕБААТ НОВИ КАДРИМинистерката за одбрана Радмила Шекеринска на владина седница. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која е актуелен заменик претседател на СДСМ, вели дека нема повторно да се кандидира за високата партиска функција на претстојниот конгрес на 16 мај.

    „Тука не се гласа доверба, за некој да ја зачува позицијата, туку практично одиме со изборен конгрес. Во тек се процедури на предлози на општинските организации. Добив прашање од мојата општинска организација дали сум кандидат, кажав дека не сум, затоа што сметам дека навистина и СДСМ, меѓутоа и политичката сцена на Република Северна Македонија, одат напред кога постојано продуцираат нови кадри. Апсолутно, пристапот кон конгресот ни е да формулираме нови политики, а тие да бидат и подобри“, кажа Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање за конгресот на СДСМ, на денешното примопредавање на донација за армијата на униформи од Турција.

    Шекеринска беше прашана и за амбасадорското место во САД, но рече дека нема воопшто дискутирано на таа тема и дека веќе е заморена од шпекулации.

    „Во ниту еден момент не сум учествувала во дискусија по ова тема. Вие знаете дека таа тема долго време беше интересна за јавноста, имаше информации, дезинформации, деманти. Мислам дека е тема која што не треба вака да се дискутира. Се работи за многу важно место, се работи за место кое што особено станува значајно имајќи предвид дека новиот избран претседател доаѓа со една нова поактивна политика и на Балканот. Но, ќе дозволите, тоа е прашање за кое не се дискутира преку изјави, туку се дискутира во рамките прво на министерството, па на владата и во соработка со претседателот. Јас веќе се чувствувам заморено од тоа постојано да дезинформираме, па да демантираме. Мислам дека е срамота за едно такво место да се игра медиумска игра“, кажа Шекеринска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира