ШТРАЈКОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ СТАВЕН ВО МИРУВАЊЕ, СО БОЧВАРСКИ СЕ ДОГОВОРИЈА СИТЕ БАРАЊА ДА ИМ СЕ ИСПОЛНАТ ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТ

    ШТРАЈКОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ СТАВЕН ВО МИРУВАЊЕ, СО БОЧВАРСКИ СЕ ДОГОВОРИЈА СИТЕ БАРАЊА ДА ИМ СЕ ИСПОЛНАТ ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТОд барањата, најважното е огласите за вработување да не траат само три дена како досега, за да ги видат само наместените партиски кадри, туку минимум 10 дена. (Фото: Министерство за транспорт и врски)

    По петчасовни преговори во Министерството за транспорт и врски кај министерот Благој Бочварски, Синдикатот на контролори на летање и тројцата директори на Македонска навигација (М-НАВ) постигнаа договор најавениот штрајк на контролорите за 12 октомври, да се стави во мирување. Но, според договорот, сите барања на Синдикатот ќе мора да се остварат до крајот на месецот. Бочварски ветил дека лично ќе го надгледува спроведувањето.

    „Драго ми е што после повеќечасовни преговори во Министерството за транспорт и врски со менаџментот на М-НАВ и Синдикатот при М-НАВ (ССКЛ), донесовме заклучоци да дадеме сериозен пристап и простор за надминување на сите отворени прашања меѓу синдикатот и мрнаџментот. Се согласуваме дека воздушниот сообраќај во ова време не смее да трпи и поради тоа најдовме заедничко решение штрајкот да биде одложен. Во меѓувреме, продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на преземените обврски од двете страни. Министерството за транспорт и врски заедно со менаџментот на М-НАВ стои на ставот за спроведување на барањата на Синдикатот“, соопшти доцна вечерва Бочварски на својата фејсбук страница.

    Од барањата, најважното е огласите за вработување да не траат само три дена како досега, за да ги видат само наместените партиски кадри, туку минимум 10 дена, за да може да ги видат сите и да се пријават непартиски кандидати со соодветно образование.

    Натаму, вработувања во помошните служби во М-НАВ да нема без знаење и надзор од контролорите на летање, односно од нивниот Синдикат.

    Да се распише тендер за независна експертска куќа која ќе направи анализа во М-НАВ колку вработувања ѝ се потребни и со какво образование, зашто таму има превработеност и се вработува сè и сешто, највеќе од партии, но и од роднини и пријатели.

    Прераспоредувањето на новопримените во иднина да биде со знаење на контролорите на летање, за да се престане со вработување на чувари и по еден ден работен стаж, да се префрлаат во контрола на летање со плус 500 евра плата.

    Да се обезбедат нормални услови за работа, бидејќи контролорите немаат каде да вршат нужда. Вода подолго време или нема воопшто, или е со слаб притисок, поради што постои ризик тие да се заразат на работа.

    Во преговорите, Синдикатот претставен од претседателот Александар Тасевски, попуштил само за две неопходни вработувања периодов: експерт за метеорологија, бидејќи немало таков профил и преведувач на албански, поради законска обврска на М-НАВ.

    За вработувањето на еден од претходните директори на М-НАВ Миѓен Селмани, за кого веќе имало одобрение од Министерството за финансии, оглас нема да смее да се распише. Така било договорено на петчасовните преговори.

    Од групата од 8-9 луѓе што директорот Фахрудин Хамиди сакал да ја протне тајно додека траат преговорите за штрајкот, ќе има оглас само за инженери и техничари, другото отпаѓа.

    Штрајкот беше најавен за 12 октомври од 11 до 17 часот, а контролорите беа решени сите до еден 6 часа да нема ни полетувања ни слетувања на авиони од двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, како ни контролирање на прелетите на небото над Македонија, освен на оние за хуманитарна помош.

    Ова не е прва битка на контролорите на летање против партиски вработувања во М-НАВ. Во ноември 2022 година тие се заканија со оставки и здружено спречија поништување на оглас за млади контролори, откако тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ, на чело со претседателот Хамиди, сакаа да го пропаднат огласот затоа што  реномираниот тренинг-центар од Данска „Гејт авиејшн тренинг“ не избра кандидати од партиските списоци, туку според критериумите на Еуроконтрол. Од 260 кандидати, осумтемина што беа избрани според способностите и квалитетот не беа ничии деца, па директорите одолговлекуваа со нивно испраќање на обука во странство за да може да распишат нов оглас.

    Таа битка заврши успешно за контролорите на летање. Осумтемина најдобри кандидати веќе се на обука и се очекува наскоро да почнат и да работат во контролната кула.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира