По десет месеци без гинеколошки прегледи, во скопската општина Шуто Оризари ќе почне да работи гинекологот д-р Божидар Бошковски, соопшти Министерството за здравство. Локацијата за ординацијата е најдена, а на вчерашаната средба меѓу министерот за здравство Венко Филипче и д-р Бошковски било договорено Министерството за здравство да ја опреми ординацијата.
Од Министерството за здравство ни рекоа дека гинекологот во Шуто Оризари ќе почне со работа откако ќе завршат административните формалности.
„Сите жени од Шуто Оризари сега ќе имаат гинеколог, кој ќе се грижи за нивното здравје. Д-р Бошковски е искусен гинеколог кој ќе им биде на располагање на сите пациентки од оваа општина. Проблемот со недостатокот на гинеколог во Шуто Оризари го решивме. Најважното е тоа што пациентките ќе можат навремено да ги извршуваат своите гинеколошки прегледи. Продолжуваме и понатаму да водиме грижа и вистинска здравствена политика за сите пациенти“, вели министерот Филипче.
Населбата Шуто Оризари од крајот на јануари нема гинеколог, откако д-р Вјолце Мбира, специјалист со долгогодишно искуство во американска болница во Албанија, ја затвори ориднацијата и ја пресели во друга населба.
Б. НЕСТОРОСКА