СИН ВИ ИМА 15 АДВОКАТИ, КАЖА СУДИЈАТА ТРПКОВ, НЕРВОЗЕН ШТО ПОРАДИ ОТСУСТВО НА АДВОКАТ НА ОБВИНЕТАТА РАТКА КАМЧЕВА ГО ОДЛАГА СУДЕЊЕТО „ПЛАЦЕВИ НА ГРУЕВСКИ“

    СИН ВИ ИМА 15 АДВОКАТИ, КАЖА СУДИЈАТА ТРПКОВ, НЕРВОЗЕН ШТО ПОРАДИ ОТСУСТВО НА АДВОКАТ НА ОБВИНЕТАТА РАТКА КАМЧЕВА ГО ОДЛАГА СУДЕЊЕТО „ПЛАЦЕВИ НА ГРУЕВСКИ“Обвинетите Јордан и мајка му Ратка Камчеви на едно од рочиштата за „Плацевите на Груевски“. (Фото: К. Попов)

    Обвинетата Ратка Камчева, како помагач во прикривањето на плацевите на Водно на експремиерот Никола Груевски, како и на парите со кои незаконски ги купил, денеска во Основниот кривичен суд кажа дека нема адвокат, бил на јавна седница во Апелација. Пред да го одложи судењето поради отсуството на адвокат на обвинет, судијата Илија Трпков праша дали место нејзиниот ќе ја застапува некој од бројните присутни адвокати на другите обвинети, меѓу кои и тие на нејзиниот син Јордан Камчев. Не доби позитивен одговор.

    „Притворски е предметов. Вашиот син овде има 15 адвокати. Ако нема кој да ве застапува, судењето го закажувам за десетти, за два, за три месеци, ваши се правата и тие ќе бидат испочитувани. Но, од тој ден натаму, за овој предмет ќе судиме секој ден“, рече Трпков.

    Денеска требаше обвинителката Лиле Стефанова да почне со презентација на материјалните докази, за потоа да се прејде на сослушување на сведоците.

    Избеганиот Груевски е обвинет за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот, Камчев и уште тројца се обвинети за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, додека ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков е обвинет за помагање при кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012, во Скопје првообвинетиот Груевски со искористување на ист траен однос и исти прилики за себе противправно присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени во врска со неговата работа (пари од уплаќани членарини на партиски членови, симпатизери и фирми спонзори), присвојувајќи износ од најмалку 1.300.360 евра.

    Како одговорно лице, претседател на политичката партија, дел од паричните средства што биле давани како донации за финансирање на политичката партија не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе.

    Потоа, од октомври 2012 до септември 2013, Груевски парите ги пуштил во оптек, за што со умисла му помогнал обвинетиот Сашо Мијалков, па така, откако Груевски во средината на 2012 дознал дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 м2, лоцирано на Водно, побарал Мијалков да му помогне да го купи при што ќе го прикрие изворот на парите и дека тој е сопственик на земјиштето.

    Според обвинението, Мијалков стапил во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашно правно лице кое ќе биде употребено за купување на земјиштето. Иако знаел дека неговото правно лице ќе се користи за прикривање на вистинскиот сопственик на купувачот на земјиштето, тој во договор со Мијалков основал правно лице во Скопје, на кое обвинетиот Ристо Новачевски танал управител. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, Груевски во повеќе наврати на девизната сметка на правното лице во Скопје, преку сметката на правното лице од Белизе пуштил во оптек парични средства прибавени со кривично дело. Неговиот кум Новачевски ги примил паричните средства и во својство на управител на правното лице со сопствениците на земјиштето потпишал договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 м2, по што извршил плаќање кон продавачите во износ од 1.299.215 евра, а дел од останатите приливи ги употребил за плаќање на данок на промет на недвижности. Подоцна, во периодот од јуни до октомври 2015, Груевски купениот имот чии парцели со промените на ГУП на град Скопје 2012-2022 биле пренаменети во градежни парцели, и уделот на правното лице од Белизе во правното лице во Скопје, го пренел на Камчев и обвинетата Ратка Камчева.

    Камчев како управител на правно лице и обвинетата Камчева како краен сопственик на истото правно лице, иако знаеле дека имотот е прибавен со кривично дело, го примиле во сопственост на нивното правно лице и донеле одлука преземеното правно лице да се преименува и сопственоста да се пренесе на правните лица каде обвинетиот Камчев е управител, а обвинетата мајка сопственик. Потоа, по претходно донесена одлука за физичка делба парцелите биле поделени на три нови парцели, од кои едната била продадена на заинтересирано правно лице. Уделите во преименуваното правно лице и останатите две парцели фиктивно биле пренесени на трето лице без да биде платен уделот, и со договор во кој бил определен рок за исплата на купопродажната цена со клаузула дека ако рокот не биде испочитуван, договорите се ништовни со што ја прикриле локацијата на имотот и неговата сопственост.

    Воедно, Груевски како службено лице, спротивно на законската должност од Законот за спречување на корупцијата, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетен лист што го доставил по престанок на функцијата до Државната комисија за спречување на корупцијата, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Р. Н. Па така, во графата „Недвижен имот“ не пријавил два стана во Скопје со површина од 38м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 м2 и две градежни парцели во Крушево во вредност од 795.424 денари.

    Надлежниот обвинител со обвинението на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите на Бихаќка од 57 м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2.729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност од 795.424 денари и судот му го замрзна овој имот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира